Честит „11 Октомври“! Вечна да е Македонија! – ММС
ММС

Објавено на: 10/11/22 10:28 AM

Честит „11 Октомври“! Вечна да е Македонија!

Со традиционалниот импровизиран напад пред Меморијалниот музеј „11 Октомври“ и со огномет синоќа во Прилеп почнува одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание и 81-та годишна од почетокот на антифашистичката борба во 1941.

Централниот настан за одбележување на празникот, кој годинава е под мотото „Секогаш на вистинската страна“ ќе се одржи денеска пред Спомен – костурницата во Куманово, а дополнително владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од Народно ослободителната борба (НОБ) во Скопје и Прилеп.
Централниот настан во Куманово ќе започне со положување цвеќе на Спомен – костурницата, а на свеченоста ќе присуствува владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација, Јована Тренчевска и Адмирим Алити.
Во рамки на одбележувањето на платото пред Спомен – костурницата обраќање ќе има премиерот Ковачевски, по што ќе следува културно-уметничка програма.

Владината делегација ќе положи цвеќе пред споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто Прилеп, пред споменикот на идеологот на народно ослободителната борба Кузман Јосифоски Питу и на Могилата на непобедените, каде се моштите на 650 борци од НОБ.
На свеченостите цвеќиња ќе положат и делегации Организацијата на борците од НОБ, од локалните власти, на политички партии, здруженија, како и граѓани.
Одбележувањето на празникот започна со традиционалниот импровизиран напад на некогашниот полициски Участак, денес Меморијален музеј „11 Октомври“, кој е потсетување на настаните пред 81 година кога со акцијата на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ е означен почетокот на антифашистичката борба во земјава во Втората светска војна. Истиот ден, борци на Првиот прилепски партизански одред ја нападна и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ заедно со припадниците на останатите заедници самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации и на НАТО и ги започна преговорите за членство со Европската Унија.

МИА

Фото: Вангел Тануровски