Спортски и медиумски ѕвезди на 30. јубилеен турнир во мал фудбал на медиумите – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/22 5:00 PM

Спортски и медиумски ѕвезди на 30. јубилеен турнир во мал фудбал на медиумите

Со многу насмевки, спортски дух и забава, вчера во Скопје заврши јубилејното 30. издание на Турнирот во мал фудбал на медиумите.

Оваа година турнирот имаше меѓународен карактер со учество на фудбалски ветерани и познати лица како дел од репрезентациите на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Организаторите, Спортско Радио 90,3  фм изразуваат голема благодарност до македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој ги прими поканетите гости и му даде поддршка на турнирот, со што овој настан доби уште поголемо значење и се издигна на уште повисоко ниво.

На приемот присуствуваа светскиот и олимписки првак во ракомет со селекцијата на Хрватска, Горан Шпрем, ТВ водителот Франо Риѓан, пејачот Кристијан Рахимовски, стенд ап комичарката Марина Орсаг, пејачката Нивес Зељковиќ Целзиус, пејачката на групата “Учитељице” Андреа Пашкван, водителот Далибор Петко, пејачот на групата “Бегини” Далибор Будиншчак. Од Србија фудбалерите Драгиша Биниќ и Марко Ѓуровски, хип хоп уметникот Нигор, актерот Марко Гиздавиќ, од Босна и Херцеговина спортскиот коментатор и фудбалер Керим Приганица, новинарот и писател Салем Сеховиќ, фудбалерот и тренер Кемал Алиспахиќ, новинарот-уредник Синан Синановиќ. Меѓу членовите на македонската репрезентација на овој турнир беа и Саша Ќириќ, Кочо Димитровски, Панче Ќумбев, Артим Шаќири, новинарот Зоран Михајлов, некогашниот фудбалски судија Гоце Попев, актерот Никола Ристановски, кошаркарската легенда Пеце Наумовски и други.

Јубилејното издание на турнирот кој се играше на терените на ФФМ, ќе се памети и по финалето меѓу репрезентациите. За првпат се оформи комбиниран тим од членови од БиХ, Хрватска и Србија кој играше против екипата на Македонија.  На крајот, македонската репрезентација во која беа и фудбалерите кои со години беа дел од нашата репрезентација, славеше со 8:2.

Сепак резултатот беше најмалку важен, останува спортскиот дух, соработката и пријателството како главна придобивка од овој успешен настан по повод големиот јубилеј.