Нов сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра, донесе Владата на денешната седница.
Како што соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, со овие средства, севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра.
Заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, нагласи премиерот, остануваат приоритет.
-Клучната порака денеска е дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно, рече Ковачевски на прес-конференција по редовната 88. владина седница.
Премиерот подвлече дека мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани.
-Повторно менаџираме добро со Буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, посебно кај најранливите категории. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката,… Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата. Делуваме одлучно и преземаме мерки кои ја ублажуваат кризата, истакна Ковачевски.
Тој се осврна и на средствата обезбедени со ребалансот на Буџетот кои ќе се реализираат во следниот период.
На прес-конференцијата во Владата се присутни и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за економија и за финансии, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, како и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Инфлацијата е комплетно иста во цела Европа и потекнува од исти фактори – цената на основните житни култури е порасната над 70 отсто во текот на 12 месеци, а тие се основна суровина за производство на леб, а зголемена е и цената на енергентите, рече премиерот Димитар Ковачевски.
На почетокот Владата, рече тој, пристапи со замрзнување на цените, но ако се замрзнат цените под трошоци на производство ќе има недостиг на храна.
Соопшти дека се одлучиле за таргетирани мерки за субвенционирање на индустрии што произведуваат основни прехранбени производи да им се помогне со енергенси и струја што ја користат, но под услов ако се намали или не се зголемува цената на производите што излегуваат од нивните капацитети.
-Се надевам дека во наредните една-две недели ќе дојдеме до решение прифатливо за производителите што ќе овозможи субвенционирање на енергенсите за нив, а тие да ја намалат или да не ја зголемуваат цената на основни пехранбени производи, рече Ковачевски на прес-конференција на која ги соопшти мерките за поддршка на граѓаните и компаниите за полесно справување со економско-енергетска криза усвоени денеска на 88. редовна седница на Владата.