Ограничени маржи и за млечните производи – одлучи Владата – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/22 8:43 PM

Ограничени маржи и за млечните производи – одлучи Владата

Владата на денешната 87-ма седница донесе Одлука за дополнување на одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки.

Според соопштението од владината прес служба, со оваа одлука, на предлог на Министерството за економија, се замрзнува маржата и за млечните производи: урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, за коишто се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало.

При редовна контрола на Државен пазарен инспекторат во трговијата на мало и трговијата на големо, според Информацијата од Министерството за економија, укажано е на потребата од интервенција кај наведните стоки, поради растот на нивните цени.

Како што е познато, од 14 јуни 2022 година, утврдено е замрзнување на маржите на основните прехранбени производи: леб (бел), шеќер (бел), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица (тип 400 и тип 500), макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2.8 проценти, 3.2 процента и 3.5 проценти, со трговска маржа со важност до 31 декември 2022 година.