„Време е за ресетирање“ – за креативниот активизам кој донесе промена во општеството – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/22 4:51 PM

„Време е за ресетирање“ – за креативниот активизам кој донесе промена во општеството

Ајкулите во Вардар, златната школка на улицата Македонија во Скопје, чевлите пред Влада, дијазепамот за смирување на македонскиот граѓанин, велешани кои ловеа риба во кратерите на улиците… се сеќавате сигурно. Сите овие и уште стотина други акции беа дел од креативните акции за будење на македонскиот граѓанин, освестување на залудената власт, демократизирање на општеството, кое стенкаше под остварувањето на лудите идеи на поединци од врвот. Не случајно и ден денеска се споменуваат, понекогаш партиските војници да потсетат „зошто сега никој не го гушка ГТЦ“, а други да потсетат дека е време на акција. Граѓаните јасно застанаа против власта, која пак им врати, прогласувајќи ги за шпиони и ги обележа со еден нов збор „соросоид“, како некој кој е против режимот, граѓанското општество беше државен непријател вклучувајќи ја и фондацијата на Џорџ Сорос.

Во неколку реченици, вака беше претставено најновото издание „Уметнички/ креативен активизам во Македонија: Враќање на јавниот простор преку граѓански ангажман 2006 – 2020“, кое на близу 500 страници се собрани сите креативни акции за периодот од 2006 до 2020 година. Програмската директорка на Фондацијата Отворено општество  – Македонија, Славица Инџевска, на првиот ден од  конференцијата „Време за ресетирање: Предефинирање на моќта на заедниците преку креативен активизам и ангажирана уметност“ потсети како хоризонтално се ширеше идејата, почнувајќи од Њујорк, опфаќајќи ги земјите до Западен Балкан до Западна Африка.

-Бевме вчудовидени колку сме далеку географски, а колку блиски во идејата да ја промениме Неправдата во општеството, да инвестираме во квалитет на животот. Оваа книга ги покрива тие петнаесетина години и покрива еден дел потоа, периодот на промената, кога ние имавме големи очекувања дека таа промена одеднаш ќе ни донесе еден висок квалитет, но видовме дека се измори граѓанското општество, се растурија илузиите и на крај на краиштата, повторно овој заземен јавен простор всушност остана некако наш иако не толку интензивен.  И затоа е важна оваа книга, рече Инџевска.

Книгата од авторите Искра Гешовска и Александра Бубевска, а и видеото со ретроспектива на најважните настани и луѓе од тој долг период се пред јавноста, како сведоштво за граѓанската страст и енергија за промена. Видеото во две верзии – пократка од 7 минути и подолгата од триесетина минути е дело на една интернационална екипа, а во режија на Елтон Баџаку од Албанија.

Креативниот активизам, дело на граѓанските организации, како што рече Адријана Лавчиска од ФООМ, имаа за цел да ги поттикнат, разбудат граѓаните и сите успееја во тоа.

-Секоја од овие акции произлегуваа од потребите на локално ниво. Секоја од овие акции се грижи за потребите на заедницата.  Всушност, кога луѓето што ги прават овие акции влегуваат во чевлите на другиот, на тој начин тие го доживуваат тоа и успеваат да бидат посилни, да направат мобилизација на граѓаните и успеваат истите тие граѓани да ги поттикна да се борат за промена, кажа Лавчиска.

Осврнувајќи се на констатацијата дека сите имаме исти проблеми, како што рече Никола Писарев, идејата на овој креативен активизам е да се смисли нешто што ќе ги истакне.

-Многу брзо сфаќате дека проблемите се од глупост , од немарност, а всушност, сржта на сето тоа е корупција. Затоа што некој дозволува да се увезува ѓубре. Само што кај нас се некои Италијанци, а таму се некои Французи. Кај нас крадат жици од кабел, некаде нешто друго. Моравме да смислиме креативни тактики за да ги анимираме луѓето. Моравме да направиме нешто, зашто ако не направевме нешто, ќе направевме ништо, го објасни своето искуство активистот Никола Писарeв.

Тој уште попластично за илустрираше (не)разликата меѓу Западен Балкан и Западна Африка.

-Всушност, гледате дека тој некаде во некое село во Сенегал, кај што цариникот на граница му бара неколку нивни парички или кутија цигари, нема никаква разлика со влегувањето во ЕУ, преку Бугарија, каде исто така треба да дадете пет евра или две кутии цигари, илустрираше Писарев.

Тоа се тие приказна кои ги тераат активистите да бидат креативни, а уметниците да излезат од својот простор на конформизам.

Во двата дена од конференцијата, своите искуства ги споделија повеќе домашни и странски активисти, луѓе кои допатуваа од Западна Африка, Србија, Германија, Босна и Херцеговина, Холандија и САД.

Пораката „време е за ресетирање“ е толку актуелна денеска и повикува на некој нов креативен активизам и раздвижување за подобра демократизација на нашите општества.

 

фото: Ванчо Џамбаски, Анадолу агенција