Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски имал проблеми со здравјето и пред повеќе од една недела се оперирал. Тоа е и причината што овој период го немаше во јавноста.
Николовски денес се појави на „Светскиот ден на вранецот“ видно ослабен, а и самиот тој кажа дека деновиве се соочувал со здравствени проблеми.
ММС го праша министерот што конкретно се случува со неговото здравје и зошто е толку ослабен, а тој ни откри дека пред осум дена ја оперирал жолчката, па пред операција морал да практикува посебен режим на исхрана, поради што изгубил околу 20 килограми.
-Ова ми е прво излегување на настан по операцијата. Се оперирав на Клиниката за дигестивна хирургија и морам да изразам благодарност за професионалноста на професорот Јанкуловски и неговиот тим. Навистина голема благодарност до Клиниката за дигествина хирургија, каде навистина се перфекни, со ист третман кон сите. Ми се врати вербата, ми се смени сликата за здравството затоа што се перфектни. Се оперирав пред осум дена, имав проблеми со жолчката и сега сум добро, рече министерот за ММС.
Пред оперативниот зафат Николовски морал да се практикува посебен режим на исхрана.
-Да, бев на посебен режим на исхрана, на диета бев скоро девет месеци и затоа сум многу ослабен. Се консултирав со нуриционист, кој ми посочи програма како да се хранам за да си го средам здравјето. Ослебен сум 20 килограми и тоа се забележува. Но, се чувствувам убаво, изјави за ММС министерот Николовски.
Весна Миленковска