Во организација на Здружението „Вина од Македонија“ и партнерите од „Балканската винска мрежа”, по четврти пат, македонските и регионалните производители на вино од сортата вранец, како и винските експерти и ентузијасти од целиот свет, се обединиja да го прослават вранецот, со цел меѓународна промоција и препознатливост на овие вина.
Главниот настан се одржа во М6 Едукативниот центар во Скопје, со динамична програма, во која беа вклучени и дегустации на вина од Македонија, Србија, Црна Гора и Косово, додека во текот на октомври, во рамки на прославувањето на Денот на вранецот ќе се организираат и голем број дегустации во Македонија, Србија и Црна Гора, но и во Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, Холандија и Соединетите Американски Држави.
Голем број претставници од домашните и регионалните производители на вино, експерти и вински ентузијасти од земјава и странство и оваа година имаа прилика да се информираат за најновите научни сознанија поврзани со вранецот и неговите уникатни карактеристики и воедно преку панел-дискусија да ги споделат размислувањата и ставовите за тоа како да се осмислат и имплементираат успешни стратегии за пласман на вината кои се произведуваат од локални автохтони сорти на светските пазари.
На отворањето на годинешниот настан за одбележување на Светскиот ден на вранецот, Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на асоцијацијата „Вина од Македонија“ изјави:
„Овој настан има огромно значење за целиот регион. Вредноста и потенцијалите на вранецот треба да ги дознае и останатиот дел од светот и на тој начин да ја промовираме винската индустрија на Балканот. Токму во автентичните вина што се произведуваат во целиот наш регион лежи потенцијалот за успех за освојување на странските пазари“, најавувајќи и два големи проекта на кои работи здружението, а се поддржани од ГИЗ и ФАО, а се однесуваат на развојот на стандарди во лозарството и винарството, како и заеднички пристап во промоција на вината од Балканот.
На настанот беше потпишан и меморандум за соработка помеѓу здружението „Вина од Македонија” и здружението „Тиквешки семејни винарии” кој вклучува поддршка на малите семејни винарници во едукација, маркетинг и развој на стандарди, со што започнува и нов заеднички пристап во развојот и промоцијата на македонското вино.
Зборувајќи за значењето на индустријата и обезбедување на долгорочна одржливост и развој на секторот, претседателот на Здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски, изјави:
„Како еден од најзначајните сектори во државата во кој се инволвирани близу 100.000 лица, неопходно е час поскоро да се дефинираат стандардите за квалитет за производство на грозје и вино. Поддршката треба да се насочи кон производителите кои сериозно се занимаваат со оваа дејност и вложуваат во нејзиниот развој и тоа да биде основа за обезбедување понатамошна поддршка. Потребно е да се воведат и мерки со кои ќе се овозможи окрупнување на лозовите насади со цел зголемување на продуктивноста, која сега е на многу ниско ниво во целиот сектор земјоделие“, дециден е претседателот на „Вина од Македонија“.
„За нас како министерство и Влада лозарството и винарството се стратешки гранки и токму затоа посветуваме сериозно внимание, креирајќи мерки и политики за поддршка и развој на лозарството и винската индустрија. Значаен дел имаат и малите семејни винарници чиј број денес изнесува повеќе од 70, со капацитет до 50.000 литри. Токму за нив оваа година обезбедивме грант до 10.000 евра поддршка за набавка на опрема и производство. Ме радува потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу здруженијата на тиквешките семејни винарници и производителите и извозници на вино ‘Вина од Македонија’. Со овој меморандум се унапредува меѓусебната поддршка и соработка и се дава поддршка во градење препознатливост на вината од малите семејни винарници, со цел влез во светските вински листи. Малите семејни винарници се вклучуваат во активностите на асоцијацијата ‘Вина од Македонија’ и заеднички ќе настапуваат на извозните пазари“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамки на годинешниот настан традиционално беше доделена и титулата Амбасадор на вранецот, чии носители се Томас Куртис – Master of Wine, како и постхумно Филип Камби, еден од врвните светски енолози кој работеше на развој и промоција на вранецот. Посебен дел од одбележувањето на Светскиот ден на вранецот е посветен на Винскиот салон, каде љубителите на квалитетните вина и винските ентузијасти на едно место дегустираа над 50 вина од сортата вранец произведени во македонски и во винарници од регионот.
Вранецот е присутен во пет земји од нашиот регион, тоа се: Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и во Македонија, при што во нашата земја е засаден на близу 11.000 хектари, со што Македонија се истакнува како најголем производител на вино од оваа сорта.
Со задржување на традицијата на организација на Светскиот ден на вранецот, овој настан прераснува во веќе препознатливо случување кое со нетрпение се очекува и кое треба да помогне оваа автохтона винска сорта да стекне поголема меѓународна промоција и да се позиционира на глобално ниво, „рамо до рамо“ со најпознатите интернационални сорти.
Организацијата на овој настан беше реализирана со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, во рамки на руралната програма за развој. Интернационалните настани се реализирани со поддршка на Министерството за надворешни работи, а беше обезбедена поддршка и од неколку локални компании како: Тохем, Ветропак, Quinberger, Импрериал Тобако, Лакталис, Изворска и Рудине.