Експресниот пат Штип – Кочани се очекува да биде пуштен во декември – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/22 2:17 PM

Експресниот пат Штип – Кочани се очекува да биде пуштен во декември

Иако во повеќе наврати беше најавувано завршувањето на експресниот пат Штип – Кочани, втората делница Крупиште – Кочани се’ уште е во градба. Првата делница од Три Чешми до Крупиште одамна се користи и значајно го скратува патувањето до Кочани, но втората значајно се оддолжи. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски потврди дека работата запнала кај експропријација на еден имот непосредно пред Кочани, што привремено ги закочи градежните работи.

-Имаше една постапка за експропријација. Таа постапка денеска е завршена. Таа делница е со прогрес на работите од 92% и нашите очекувања се дека во текот на декември ќе можеме да го пуштиме во времен режим на сообраќај. Таму се вршат сите градежни работи, граѓаните тоа го гледаат и со овој експресен пат, сакам да потенцирам дека ние ја комплетираме целосно сликата на источна Македонија во дел на патна инфраструктура, рече Бочварски.

За источниот дел беше најавена реконструкција на уште една делница и тоа на најкратката врска меѓу општините Кочани и Карбинци на патот што води до мостот на реката Брегалница, кој од пред две недели почна да се реконструира. Бочварски немаше прецизна информација кој и како треба да го реконструира овој пат.

-Да се провери дали е регионален или локален пат. Ако е регионален тоа е во ЈП за Државни патишта, но ако е локален, тоа е надлежност во општината, одговори Бочварски.

Министерот рече дека со доизградбата на експресниот пат Штип – Кочани се комплетира патната инфраструктура во источниот дел на државата преку изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш, патот до Лесново, Крупиште – Пробиштип како една од најлошите делници, како и патот до Пониква.