Немо исчекување од неколку минути во салата на Домот на културата во Пробиштип, што потоа го замени радост, прегратки со по некоја солза радосница, но и лутина, разочараност и негодување. Ваква беше атмосферата на објавувањето на прелиминарната листа со потенцијалните добитници на социјални станови. Беа објавени само 24 имиња како потенцијални станари на социјалната зграда со вкупно 48 станбени единици, за едната ламела. За втората ќе следи дополнителен повик за шест категории на граѓани во социјален ризик.
Младата пробиштипјанка Фросина беше среќна за своите три деца, кои како што вели, конечно ќе добијат свои соби.
-Среќна сум, радосна дека сега ќе им ја соопштам среќната вест на моите три деца. Сопругот ми е починат, нема ништо од него. Децата си сакаат своја соба, ќе бидат среќни, рече Фросина.
Габриела Алексиќ е самохрана мајка на пет деца, од кои едното веќе го напуштило семејството и основала свое. Живее во тнр. рударски згради во мало станче до семејството на братот на сопругот. И нејзиното име беше на листата од 24 добитници на социјален стан.
-Многу сум среќна што конечно ќе имаме само наш дом, рече Алексиќ.
Меѓу тие што не се најдоа на листата беше и разочарана млада самохрана мајка на три деца. Вели дека од комисијата за распределба на становите и’ било објаснето дека добива гарантирана плата од 18.000 денари и тоа е пречка за го оствари правото.
-Дојдете слободно да видете во какви услови живееме. Ова е срамота! Живеам со три мали деца и велат дека примам гарантирана плата. Имам две деца што одат на училиште, едно оди во градинка. Нека ја поделат таа минимална плата да видат како се живее!, рече младата мајка.
Денеска одбиените и тие што не аплицирале на првиот конкурс наскоро ќе имаат да поднесат документи. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски очекува по одлуката на Владата да биде распишан нов конкурс.
-Ова е само прелиминарна распределба и не е конечна. Во наредните денови Комисијата за распределба на социјалните станови ќе изврши увид кај семејствата, по што по завршување на теренскиот увид, ќе биде утврдена конечната листа на добитници на станови. Грижата за социјално ранливите семејства останува наш врвен приоритет и во овие услови на енергетска криза“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Според најавите на министерот Бочварски првото вселување во новата зграда може да се случи по еден месец откако листата ќе биде конечна, а решенијата поделени.
Министерот Бочварски појасни дека социјалните станови што ќе останат нераспределени, ќе се префрлат во Комисијата за станбени прашања при Владата, каде ќе може да се доставуваат документи за нивна распределба.
Градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, изјави дека ова е прва социјална зграда која се изгради во Пробиштип и дека е од огромно значење за социјално загрозените семејства од општината.
-Првпат Пробиштип добива социјални станови. Голем број наши сограѓани влегуваат во станови со современи услови, нормални услови за живот, што до сега, за жал, ги немале од разноразни причини, со оглед на тоа дека Пробиштип минуваше низ различни периоди а со тоа и граѓаните и затоа овој проект за цел Пробиштип, особено за овие категории, значи многу, рече Анастасов.
Социјалната зграда во Пробиштип е со вкупно 48 станови, градена по Програмата за ранливи категории граѓани. Право на учество на јавниот оглас, кој беше распишан преку Министерството за транспорт и врски имаа категории на граѓани кои се од социјален ризик и тоа деца без родители со навршени 18 години, корисници на загарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост или семејства со лица со попреченост, лица од социјално загрозени категории припадници на Ромската заедница и самохрани родители со малолетни деца.
Во текот на овој месец, октомври ќе бидат распишани и јавните повици за распределба на социјалните згради во општините Виница и Свети Николе, додека во завршна фаза е изградбата на социјалните згради во Демир Капија, Неготино и Гевгелија.