Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева – лице за контакт за предметите поврзани со безбедноста на новинарите – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/22 12:03 PM

Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева – лице за контакт за предметите поврзани со безбедноста на новинарите

Гаврил Бубевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје ја назначи Искра Хаџи Василева јавната обвинителка од истата институција како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје, информираат од Здружението на новинари на Македонија.

Одлуката која пристигнала на адреса на ЗНМ е донесена врз основа на заклучоците од состанокот на Бубевски со претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), што се одржала на 27 мај годинава.

-ЗНМ со години наназад постојано работи на кампањи за кревање на свеста за состојбата на новинарите и медиумските работници каде што акцентот е ставен безбедноста на новинарите како и на проблемот со неказнивост на напаѓачите. Токму заради овие причини, една од препораките на ЗНМ до ОЈО Скопје беше формирање на посебно одделение со цел да се зголеми безбедноста на новинарите. Сето ова е во согласност со препораките на Совет на Европа со крајна цел – да се иницираат системски промени за подобрување на моменталната состојба, велат од ЗНМ.

Оттаму додаваат дека јавната обвинителка Хаџи Василева има надлежност да го следи постапувањето во предметите во кои во својство на оштетени, сведоци или пријавени лица се јавуваат новинари кои ги извршувале своите работни задачи.

Во одлуката се вели дека ОЈО Скопје и останатите јавни обвинителства ќе даваат приоритет во постапувањето по предметите поврзани со безбедноста на новинарите и ќе продолжат во оваа насока да ја унапредуваат соработката со новинарските здруженија, со цел да се санкционира секое кривично-правно загрозување на слободата на изразување.