Возбуда и свечен израз се гледаше на лицата на бруцошите и нивните професори на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе, каде денеска се одржа првиот академски час. На петте факултети и двата институти од денеска почнуваат со својата едукација студенти, кои своето образование ќе можат да го стекнат на двата кампуси во Свети Николе и Битола.
Студирањето ќе ви биде и радост и одговорност, а колку ќе одете понапред во студиите, толку радоста ќе ви биде поголема, пред полниот амфитеатар порача ректорката Ленче Петроска.
-Сите професии со кои се стекнувате, по дипломирањето носат можност за креативност и за богата и разгранета кариера. Тука сте да стекнете знаење и вештини со кои ќе се докажувате во работата и животот. Знаењата ќе ги добиете низ инспиративна соработка со нашите професори и соработници преку предавањата, вежбите, семинарите, колоквиумите и на крај испитите. Тоа е вашиот предизвик и вашата широка задача и активност. Наша грижа и обврска е да ви помагаме максимално на тој динамичен пат, да ве следиме, поттикнуваме, инспирираме и да ве охрабруваме, рече ректорката Петроска.
Според ректорката, овие студенти избрале да се едуцираат во универзитет, кој е афирмиран, познат и признат во меѓународниот едукациски простор.
-Вие сте нашата надеж, а ние од универзитетот сме гаранција за вашата надеж. Велат и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Возбудлив и плодотворен е тој пат, по него се врви со љубов и ентузијазам, кажа проф. д-р Ленче Петроска.
Но, највпечатливиот ден за бруцошите, но и за нивните родители и нивните семејства за овој универзитет е почеток на уште еден нов период, постпандемиски, ослободен од предизвиците на онлајн наставата, но соочен со светската економска криза.
-Голема среќа што физички сме присутни, без дистанци и без ограничување. Пандемијата не научи да најдеме начин и способност да се прилагодиме. Тоа ни покажа дека новите генерации лесно се прилагодуваат. Оваа студиска година носи нови предизвици предизвикани од економска криза во светот, во која може да ве пречекаме како образовна институција во амфитеатрите. Ако сте посветени, одлуката за едукација на МСУ ќе ве смести во елитата на општеството, кажа од говорницата Габриела Крстевска, декан на Економскиот факултет и им порача на студентите да не се откажуваат во вербата во себе и од својот сон.
Првиот студиски ден за студентите на Меѓународниот славјански универзитет беше и ден за запознавање со професорите, колегите студенти, со универзитетот и со службите кои работат за да им го олеснат процесот на студирање.
Меѓународниот славјански универзитет е основан во 2004 година во Свети Николе, а својата дејност преку кампус во Битола ја продолжи во 2006 година. На овој универзитетот се образуваат студенти на Економски факултет, Правен факултет, на Факултетот за информатика, Психологија и Безбедносно инженерство.