Прв академски час за бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип – ММС
ММС

Објавено на: 10/3/22 3:06 PM

Прв академски час за бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

По две години онлајн настава, студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ годинава се враќаат во предавалните. Дворот на Економскиот факултет денеска на бруцошка забава во пресрет на првиот академски час, изобилуваше од насмеани, возбудени лица, идни академски граѓани. Годинава за прв пат имаше и доделување признанија за поддршка на млади таленти, лица кои уште не се студенти, но се истакнати во својата област.

Ректорот на УГД,  проф. д-р Дејан Мираковски, денеска на студентите им посака срдечно добредојде и рече оти се надева дека универзитетот ќе им биде место каде покрај знаење, ќе стекнат и многу пријателства.

– Се надевам дека од тука ќе излезат како академски граѓани, градители на нашето општество, бидејќи просперитетно општество може да се гради само со образована младина, а образованието не е само знаење туку е и поттик за акција, рече Мираковски потенцирајќи дека тој како ректор, но и сите вработени во универзитетот се подготвени стратешки да одговорат на потребите на студентите, но и на општеството во овие тешки времиња.

Годинава како што потенцираше Мираковски има запишано околу 1400 наши граѓани и околу 300 студенти од странство кои учат на македоноски и педесетина кои учат на англиски. Најголем интерес кај студентите има за медицинскиот факултет, па така најголем дел од странците кои учат на англиски се запишани токму овде. Сепак Мираковски вели дека на сите факултети има по неколку странци кои веќе поминале подготвителна настава за јазик, па ќе учат на македонски.

Наставата официјално ќе биде со физичко присуство, освен за големите групи на студенти запишани на медицина кои аудитивните предавања ќе ги слушаат онлајн.

Во рамки на бруцошката забава ректорот на УГД им врачи признанија на млади кои се истакнале во некоја област.

– Ова е една нова идеја со која сакаме на младите таленти да им овозможиме еден вид признание, но и да ги идентификуваме и да ги насочиме кон поголеми успеси во нивниот професионален развој во иднина. На еден начин универзитетот како општествено одговорна организација го насочуваме кон поддршка на најдоброто во нашето општество и се надевам дека ова ќе стане идна практика, рече Мираковски.

Овие признанија годинава ги добија Дамјан Давков и Амир Дестанов за постигнати резултати во природните науки, Марко Пејчиновски од областа на спортот и Ивана Мазнејкова од областа на уметноста.