Координаторките на советничките групи на двете најголеми партии во Град Скопје, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, денеска во рамки на гостувањето на градоначалничката Данела Арсовска во емисијата „Стадион“ на Канал 77, имаа можност да ги искажат своите ставови во однос на последните случувања во Советот, но и да и постават прашања на градоначалничката.
Координаторката на советничката група на СДСМ во Град Скопје, Љубица Јанчева, рече дека не е изненадена од она што се случува, бидејќи вели дека здрава основа за работа се познавало дека нема уште при првите седници. Јанчева вели дека за сите проекти кои се неопходни за граѓаните ќе изразат поддршка.
– Проблем е тоа што градоначалничката најчесто не излегува да ги брани точките на кои е предлагач, а раководителите на секторите не излегуваат да ги дообјаснат предлозите. Советниците не се експерти, доаѓаат од различни области и понекогаш им требаат дополнителни објаснувања а да донесат став. Раководителите на секторите претпоставувам дека не излегуваат затоа што и не учествуваат во креирањето на предлозите, туку сето тоа се приготвува во кабинетот на градоначалничката. Поради ова на совет како точки на дневен ред добиваме погрешни информации, содржини, па мора сами да ги коригираме, што не било случај претходно, вели Јанчева.
Запрашана дали се координираат со претходниот градоначалник Шилегов во врска со работите во советот, Јанчева рече дека се партиски другари, но вели тој не влијае во нивните одлуки.
Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, пак, запрашана дали и е нова оваа ситуација која се случува, имајќи предвид дека ја поддржуваа на митинзи и до некни можеби пиеле кафе со Арсовска, а сега се конфронтираат и се во конфликт, вели дека тие дале поддршка на програмата за модерно Скопје и не им пречи повторно да пијат кафе, но важно е да разговараат за темите кои се во интерес на скопјани.
– Јас би сакала на седниците да дебатираме само за проекти, како да ги подобриме,што да додадеме или одземеме, а не да имаме драми и скандали. Ние како советничка група ќе го поддржиме буквално секој проект кој е за доброто на скопјани, вели Андоновска.
Во однос на комуникацијата со Арсовска, таа смета дека отсекогаш постоела дискомуникација и недоволна транспарентност. Таа вели и денеска се соочуваат со прашања кои не им се одговорени од Град Скопје.
– Еве јас ќе ја искористам приликата и ќе прашам:
1. Како градоначалничката тврди дека имало влијание врз понудувачите за пречистителната станица и бараше смена на членовите на комисијата, зошто тие и денес не се сменети?
2. На последните две седмици советниците поднесоа неколку иницијативи за продолжување на автобуски линии и воведување нови, а директорот на ЈСП со закана по живот нападна советник, па дали градоначалничката не чувствува одговорност за ова?
3. Дали градоначалничката не чувствува одговорност кон гласачите на ВМРО-ДПМНЕ , партија која придонесе најмногу за нејзината победа, и доколку е сигурна во нејзините постапки, дали е подготвена да си поднесе оставка и повторно да се кандидира и да видиме дали граѓаните ги оправдуваат нејзините постапки? ( Зборува за разрешувањата на директори од ВМРО-ДПМНЕ и поставувањето кадри на ДУИ)
Одговорите и реакциите на Арсовска можете да ги погледнете во видеото во продолжение