„Прати ја пораката, спаси живот“ е мотото под кое годинава се одбележува 12. Светски ден за борба против беснилото. Целта е да се зголеми свеста за важноста од превенција.
По овој повод, Ветеринарната комора на Република Македонија апелира до сите сопственици на домашни миленици (кучиња и мачки) совесно да ја извршуваат својата со Закон утврдена обврска и редовно да ги вакцинираат против беснило.
– Една од причините за големиот број жртви е ниската свест на сопствениците на животни за важноста на редовното вакцинирање против беснило. Обврската за вакцинација настапува со навршување тримесечна старост на кучето или мачката и се повторува во интервал од една година до крај на животот на миленикот. Неисполнувањето на обврската за вакцинација е казнива согласно Закон, а носи сериозни здравствени ризици по човечкото здравје и живот, предупредува Комората.
Воедно повикува општествената заедница да покаже посветеност и одлучност и да обезбеди поддршка за елиминирање на оваа фатална болест, како за животните, така и за човекот.
– Бидете одговорен сопственик кон вашиот миленик, кон самиот себе, кон своето семејство и непосредната околина. Беснилото е премногу сериозна болест. Затоа вашата обврска за вакцинација на вашиот миленик против беснило извршувајте ја навремено и редовно, апелира Ветеринарната комора.
Беснилото е акутна вирусна болест кај животните и човекот која се манифестира со симптоми на воспаление на централниот нервен систем и секогаш има смртен исход. Го има на сите континенти, освен на Антарктикот, а во развиените земји е под контрола. Преку 90 отсто од смртните случаи се во Африка, Азија и Средниот Исток, каде вирусот е широко распространет. Според статистичките податоци, преку 3,3 милиони луѓе живеат со ризикот од беснило, а 59.000 годишно умираат низ целиот свет (половина од тоа се деца под 15 годишна возраст).
Поради својата јавно здравствена важност и тежина, Светската здравствена организација го одреди 28 Септември за Светски ден за борба против беснилото. Одбележувањето почна во 2007 година, кога беа вклучени 74 земји, а денес се преку 125 .
Датумот е одреден во чест на францускиот микробиолог Луј Пастер кој ја развил првата вакцина против беснило, а починал на 28 септември 1895 година.
Светскиот ден на беснилото Македонија ќе го одбележи утре, со манифестација на Школка, во скопскиот Градски парк.