Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД)-Штип на 3 октомври го организира првиот академски час за новозапишаните студенти на 12 факултети и трите академии. Проректорот за настава при УГД-Штип, Мишко Џидров вели дека со пригодна манифестација, студентите ќе имаат можност да се запознаат со нивните декани, проректори, но и да дознаат повеќе за универзитетот.
Тој ги покани сите бруцоши да бидат дел од овој настан. Истовремено, може да присуствуваат и помладите граѓани кои можеби во иднина ќе бидат дел од големото семејство на УГД. Првиот академски час е закажан во 11:30 часот.
-На 3 октомври, на првиот работен ден во месец октомври, вообичено организираме прв академски час за нашите новозапишани студенти. Па така ги повикувам сите новозапишани студенти, бруцоши да бидат дел од овој настан кој го организираме за нив во 11:30 часот пред платото на Економски факултет. Организираме еден вид отворена забава за новите студенти, ќе имаат можност да се запознаат со ректорот, со проректорите, со нивните декани на нивните матични факултети и да дознаат малку повеќе за активностите на универзитетот и општествената одговорност која ја има универзитетот према град Штип и према нашата држава. Ќе има неколку активности кои ќе се случуваат, ќе оставам да бидат како еден вид изненадување затоа што се наменети за студентите, вели Џидров.
Според него, за прв пат во студентските клупи ќе седнат речиси идентичен број бруцоши како и лани. Точна бројка ќе има во понеделник, односно по завршување и на третиот уписен рок.