Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 25 проценти ќе ја намали цената на дозволата на радиодифузерите, како помош за надминување на економската криза.
Освен тоа, на денешната седница на Советот, беше донесен заклучот и Владата, доколку е во можност, да помогне на четирите национални радија, кои плаќаат енормно големи сметки за струја за предавателите.
-Пред месец и половина бев информиран од четирите национални радија дека се соочуваат со сериозен проблем на енормно зголемување на сметките за струја. Тие се во најтешка состојба, имаат повеќе од 30 предаватели и на секој плаќаат надоместок. Дел се на МТВ, но и за тие плаќаат кирија и струја, па затоа се доведува во прашање нивната работа и опстанок. Агенцијата финансиски не може да ги поддржи во плаќање сметки, затоа предлагам да им дадеме поддршка, но и доколку Владата е во можност да обезбеди финансиски средства за надминување на ова крајно независна положба во која се наоѓаат националните радија. Со оглед на тоа што во следниот период ќе почне подготовката на финансискиот план на Агенцијата за 2023 година, а за да излезме во пресрет на сите радиодифузери, да се обезбеди 25 проценти намалување, односно донација на надоместокот што го плаќаат за дозволата за радио или тв емитување. Ова е максимумот што можеме да го понудиме, рече директорот Зоран Трајчевски.
На денешната седница Советот на ААВМУ одлучи не само четирите радија со национална концесија, туку на сите радиодифузери од идната година да им биде намалена цената на дозволата, а со тоа се сложија и останатите членови.
Претседателот на Советот, Лазо Петрушевски рече дека ова е чесен предлог бидејќи сите радиодифузери ќе добијат помош без исклучок.
Заменик претседателот на Советот, Селвер Ајдини потврди дека радијата имаат поголеми трошкови, дека кризата станува се потешка и потешка и дека треба да се помогне.
Членот на Советот, Зоран Фидановски,пак, рече дека ова е максимумот што може да се понуди, а без притоа да се наруши функционирањето на Агенцијата.
-Давам поддршка и на барањето на четиритие национални радија Владата, ако е во можност, да обезбеди финансиска помош за дистрибуција на сигналот за медиумите, додаде на крајот тој.