Три оранжериски комплекси во Кочани, кои за затоплување во зимскиот период ја користат геотермалната вода, најавија дека ќе се откажат од услугите на подружницата „Геотерма“ на комуналното претпријатие „Водовод“ ако се прифати барањето на Управниот одбор за покачување на цената за 123,5 проценти.
Во заедничкото соопштение на фирмите „Агротреф“, „Зелена куќа“ и „Оранжерии Добра“ се истакнува дека со предложената нова цена од 75,61 за кубен метар геотермална вода не постои никаква економска оправданост за нејзино користење како енергенс.
-Како правни субјекти нема да можеме да ја користиме водата од „Геотерма“, затоа што производството на раноградинарски производи ќе биде целосно неисплатливо. Според нашите пресметки, крајната цена што ќе треба ние како корисници да ја плаќаме за потрошен кубен метар ќе изнесува 92,2 денари, со оглед што на основната цена се плаќа ДДВ од 18 отсто и плус фиксна давачка од 2,1 денари за Фонд за води. Ние очекувавме поскапување на енергенсот, но пресметките што ги направиле во „Водовод“ се нереални и примената на новата цена ќе значи прекин на нашето производство и затворање на капацитетите. Со тоа, над 150 луѓе ќе останат без работа, а наместо домашни раноградинарски производи, граѓаните ќе бидат принудени да купуваат увозни, веројатно и поскапи, истакнуваат одговорните во „Оранжерии Добра“.
Одлуката за покачување на цената на кубен метар геотермална вода, што досега корисниците ја плаќаа по 33,82 денари, пред неколку дена ја донесе Управниот одбор на КЈП „Водовод“, а согласност за нејзината примена треба да даде Советот на Општина Кочани. Барањето за поскапувањето е една од точките на дневниот ред на седницата што треба да се одржи утре.
МИА