Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски денес со тимот, претставници на највисокото раководство на партијата вклучително и голем дел од градоначалници се сретна со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија, а на средбата се разговарало за актуелната состојба во државата, предизвиците со кои што се соочува бизнисот.
-Дојдовме до заклучок дека состојбата е алармантна, во овој момент работите се некако ставени на стихија. Понижувањата и коленичењето и молењето по околните држави па и тие во поширокиот регион стануваат безмислени и навредувачки за македонските граѓани бидејќи судбината не ја контролираме самите туку е во рацете на други околни држави, па и оние подалеку во регионот. Полека, но сигурно оваа безидејност во енергетиката и енергетската криза која што веќе е сеприсутна кај граѓаните и бизнисот полека се трансформира во финансиска криза, а доказ за тоа е цунамито финасиско кое што владата вчера ни го приреди со оној заем кој што во наше име го зема друга банка на друга држава, со катастрофални услови, рече Мицкоски.
Тој вели дека нивниот план го претставиле пред раководството на ССКМ, кој предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети.
-Притоа ги ставаме на располагање сите контакти кои што ги имаме надвор од земјата во Европа и пошироко да обезбедат ресурс, доволен да производните капацитети обезбедат електрична енергија која што ќе биде за бизнис заедницата, најмалку двојно поевтина од таа која што денеска стопанството ја плаќа споредена со референтната берза HUPX која што милува власта да ја каже. Воедно да обезбедиме ресурс со кој што корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлината која што ќе користат и со кои што ќе ги затоплуваат своите домови, додаде Мицкоски.
Според него на располагање се сите контакти, а се со цел да спасат стотици илјади работни места во периодот кој што следи, а граѓаните на Скопје да не добијат повисоки сметки за парно. Мицкоски рече и дека ќе бараат измена на Законот за енергетика, кој што ќе биде доставен до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела во собраниска процедура.
-Ќе побараме сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, образование, јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Доколку продолжат вака да функционираат овие три групи на субјекти по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните, ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните, рече Мицкоски.