Лидерот на Левица Димитар Апасиев денеска ја поднесе Иницијативата за референдум до Државната изборна комисија за распишување задолжителен дополнителен референдум со прашање- дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година .
-Денес Левица поднесе предлог за поднесување граѓанска иницијатива за референдум. Народот треба да го има зборот кога станува збор за прашања од национален интерес, очекуваме да нема проблеми, бидејќи е поднесена согласно законот. Ги повикуваме и граѓаните, бидејќи во 30 општини предложивме да се собираат потписи. Ќе ја користиме инфраструктурата на Левица, бидејќи законот не дозволува правно лице, јас како физичко лице прво потпишан, ќе бидам официјално овластен предлагач на иницијативата, изјави Апасиев и додаде дека очекуваат до крајот на неделата ќе се соберат потписите и да ја пуштат во собраниска процедура без, како што рече, Џафери да изигрува уставен судија.
Согчасно законот 150.000 потписи треба да се соберат во рок од 90 дена и по бирократските бариери се надеваме ќе бидат собрани до крајот на годината.
Тие не очекуваат Џафери да ја прогласи оваа иницијатива како неуставна.
-Не очекуваме, тој нема такви ингеренции. Нема да се дрзне тоа да го направи, тој силеџиски го толкува Уставот и Законот, додаде Апасиев и нагласи дека прашањето е интелегентно срочено, налик на она за Преспанскиот договор.
Левица најави целосна блокада на Собранието, доколку собранискиот спикер Талат Џафери ја одбие и оваа Иницијатива. Од партијата велат дека имаат договор со ВМРО-ДПМНЕ и, како што најави пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов, „заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом“.
На новинарско прашање, лидерот на Левица истакна дека очекуваат поддршка од сите опозициски партии и доколку е потребно „би седнале и официјално би разговарале со партиите“.
Појаснувајќи ја доставената иницијатива, Апасиев посочи дека истата се однесува на промена на заклучоците каде се спорни две точки.
– Тоа се точка 1 и точка 3Г, каде што се вметнати „францускиот“ предлог и преговарачката рамка. Тоа практично би значело дека од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка без бугарските хегемонистички барања кои се инкорпорирани внатре. Тоа значи дека референдумот не е анти ЕУ, туку бојкотот на референдумот или недавањето да се случи референдум е чин на антиЕУ. Демократското изјаснување на граѓаните не може да биде анти ЕУ, рече Апасиев.
Иницијативата на Левица за референдум ќе ја поддржи и ВМРО-ДПМНЕ, порача претходно и лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски.
Најмалку сто потписи се потребни за да може Иницијативата да се достави и во Парламентот.
Претходно, иницијативата за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието на 9 септември беше отфрлена од страна на Џафери со образложение дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.