Место да слави 75 роденден, поднесен предлог за отворање стечајна постапка за ДГ Бетон АД Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 09/27/22 11:29 AM

Место да слави 75 роденден, поднесен предлог за отворање стечајна постапка за ДГ Бетон АД Скопје

Друштвото за градежништво Бетон АД Скопје  четврти месец нема исплатено плата на вработените, а сметката му е затворена односно блокирана повеќе од 45 дена.

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање соопшти дека, во име на вработените од ДГ Бетон АД Скопје, вчера до Основниот граѓански суд Скопје поднел Предлог за отворање стечајна постапка односно за престанок на работодавачот откако во период од девет месеци ги искористиле сите правни механизми за да ги добијат заостанатите плати и компанијата да продолжи да работи.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски, на прес-конференција рече дека вработените што ги застапува ќе го искористат и последниот законски дозволен механизам и не се повлекуваат, како што рече, од намерата компанијата да оди во стечај и, покрај заостанатите плати, од стечајната маса ќе побараат и исплата на заостанатите регреси за годишен одмор за 2021 и  2022 година.

– Синдикатот за градежништво и работниците повеќепати пријавуваа во Државниот инспекторат за труд за незаконско работење на работодавачот, но покрај законските задолженија да исплаќа плата тоа не го стори и вработените веќе четврти месец немаат земено плата. Сметаме дека овие законски загарантирани права на вработените ќе успееме да ги наплатиме барем на суд, рече Пешевски на прес-конференцијата во седиштето на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Укажа и дека вработените овие денови се притиснати да потпишуваат договори на определено време односно анекси на постојните и сами да се спогодат старите договори на неопределено време да не им важат. Апелираше да не потпаѓаат на, како што рече,  какви било притисоци и закани за отказ туку да чекаат она што е предложено до судот со отворањето стечајна постапка.

Имајќи ја  предвид структурата на вработените, рече Пешевски, поголем дел од нив ќе бидат обесштетени од Агенцијата за вработување со надомест во случај на невработеност односно до пензија.

-Како прв човек на синдикатот ги охрабрувам сите вработени да се јават во судот како доверители штом биде објавено на огласна табла во судот, за што повторно ќе информираме преку медиумите, истакна Пешевски.

Рече и дека новото раководство на компанијата „Бетон“-Скопје е единствено виновно што овој гигант наместо во декември да одбележи  75 години постоење, ќе премине во рацете на доверителите и на стечаен управник.

Во оваа пригода претседателот на ССМ Дарко Димовски соопшти дека за стечајна постапка се размислува и за Водостопанство затоа што четврти месец не се исплатени плати.

-Сојузот на синдикати на Македонија заедно со агросиндикатот каде што делуваме во АД Водостопанство, кое е во државна сопственост, ќе бараме исто да се поведе претстечајна постапка зашто вработените веќе четверти месец не зеле плати. Денеска ќе имаме средба со директорот на Водостопанство и јасно ќе му ги изнесеме овие факти и по кој основ ќе ја поднесеме претстечајната постапка доколку не се исплатат три заостанати плати и четвртата која е тековна и се работи во септември, информираше  Димовски.