Сиромашните буквално изоставени, а богатите најголеми загадувачи, вели Дуковска – ММС
ММС

Објавено на: 09/26/22 2:51 PM

Сиромашните буквално изоставени, а богатите најголеми загадувачи, вели Дуковска

Најсиромашната група на луѓе со месечни приходи до 25 илјади денари во семејство се буквално изоставени од мерките за намалување на загадувањето, а најбогатите луѓе со месечни приходи над 40 илјади денари се најголемите загадувачи заради тоа што тоа го прават по избор и не заради неможност, и кај нив најмногу треба да се влијае на промена на свеста од аспект на тоа да ги подобрат навиките, да не бидат консуматор, туку да се грижат за себе и за околината, истакна претседателката на Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) Билјана Дуковска.
Во истражувањето на Македонска платформа против сиромаштијата на тема „Справување со загадувањето на воздухот преку минимизирање на енергетската сиромаштија и промовирање на проеколошко однесување“, класифицирани се три социо-еколошки профили, од коишто едниот е до месечен приход од 20 илјади денари во семејство, вториот е помеѓу 25 и 40 илјади денари во семејство и третиот е со приход од над 40 илјади денари.
– Разликите се многу големи и во однесувањето спрема потрошувачката на енергија, меѓутоа огромни се разликите и во однос на изборите и можностите коишто тие ги имаат, истакна Дуковска.

Додаде дека она што сега се случува и она што сега го имаме како мерки за намалување на загадувањето не се доволни бидејќи не ја таргетираат целата популација, туку само еден дел може да искористи дел од мерките.

Според истражувањето, како што кажа Дуковска, кај оние до 25 илјади денари месечни приходи во семејство, не станува збор само за една група, туку има различни подгрупи.

– Во неа има луѓе коишто воопшто немаат пристап до никаков извор на енергија, тоа се тие на коишто најмногу вперуваме прст дека најмногу загадуваат, горат гуми, шишиња итн. и ги мразиме затоа што ни го нарушуваат квалитетот на воздухот. Потоа се оние коишто имаат многу долгови, немаат можност постојано да користат енергија и се греат исто така како ќе стигнат, посочи Дуковска.

Овие две групи немаат пристап ниту до парно греење или печка или на некој уред, нешто кој ќе го гарантира и амбиенталниот воздух во нивниот дом да биде соодветен што дополнително го нарушува нивното здравје, работоспособност, сбособност за нивните деца да посетуваат образование.

– Третиот профил се оние коишто имаат ниски приходи ама имаат приходи, вклучени се на парно греење но ако им студи немаат шанси да употребат нешто дополнително. Тие се буквално изоставени од мерки за намалување на загадувањето истакна претседателката на МППС.

Вториот профил, од 25 до 40 илјади месечни приходи, појасни Дуковска, имаме однесување во коешто не се многу штедливи, не се толку еколошки ама сепак внимаваат поради тоа што немаат доволни ресурси да ги покријат сите барања и сите потреби.

– Тука е најважно интервенцијата да биде во субвенции, во можности за енергетска ефикасност на домовите итн. Многу се разликува од првата, заради тоа што луѓето од првата група многу повеќе треба социо-економски да се зајакнат на едно ниво за да имаат барем минимални услови за живот, додаде Дуковска.

Во врска со третиот профил, со над 40 илјади денари месечни приходи, Дуковска информираше дека има луѓе коишто имаат, можат и трошат и пари и енергија.

– Тие се најголемите загадувачи заради тоа што тоа го прават по избор и не заради неможност и кај нив најмногу треба да се влијае на промена на свеста од аспект на тоа да ги подобрат навиките, да не бидат консуматори, туку да се грижат за себе и за околината, објасни Дуковска и додаде дека кај нив најдобро е да се влијае со јавни кампањи или со акции, коишто би значеле олеснување на процедура пристап итн, подвлече Дуковска.

Како резултат на истражувањето, таа информираше дека она што генерално недостига е рамномерен развој на градот, подобра инфраструктура, поголемо интерсекторско работење и државна и локална инвестиција и интервенција, првенствено во системи за греење, системи за зелена енергија и можности за пристап на сите граѓани рамноправно и солидарно еднакви, квалитетни и достоинствени услови за живот.

Прашана за нејзината прогноза и перцепција во пресрет на најтешката зима и дали тоа дополнително може да го зголеми и енормното загадување конкретно во Скопје таа одговори дека во рамки на разговорите со луѓето со искуство во сиромаштија, дилемата е како тие ќе ја преживуваат зимата.

– До лани умееле да го направат планот, оваа година заради порастот на цените, дрвото не секогаш е опција, струјата е скапа, пелетите се многу скапи и остануваат да комбинираат извори согласно тоа со коешто располагаат во моментот. Овие што досега собираа дрва и се грееја или користеа непознати материјали немаат друга опција, ќе останат на тоа бидејќи тоа е единствениот начин. Ние ќе го дишеме сето тоа што ќе биде испарување од сите оџаци во градот, одговори Дуковска.

Во однос на прашањето дали според истражувањето најбогатите најмногу загадуваат таа потврдно рече дека тоа е така затоа што тие имаат најмногу избор, најмногу ресурси и се најголеми консуматори.

– Проблемот кај нас е тоа што струјата доаѓа од фосилни горива. Тоа немаше да биде толку проблем доколку употребуваме биомаса или биогас, отпад или нешто што прави зелена енергија. Во овој случај кај нас дома е чисто ама таму некаде надвор сите дишеме од заедничкиот нечист воздух, додаде таа.

Додека во врска со прашањето од каде најпрво ја очекува соработката, дали од Градот или од општините за да се спроведат сите овие препораки и каков конкретен предлог ќе стигне од нивната страна рече дека овој настан има токму таква намера и дека се поканети претставници од локалните самоуправи, дел од министерствата и медиумите за да се дискутира како ова сознание да се направи реалност.

– Бидејќи луѓето коишто немаат пристап до централно греење самите не можат да го изградат тоа. Значи за да се случи тоа мора да постои, прво стратешки пристап и второ политичка волја во смисла политика за намалување на загадувањето во градот, во коешто ќе се инвестираат различни фондови од различни места и преку различни пристапи ќе се влијае, рече Дуковска.

Истражувањето е изработено од страна на МППС во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во град Скопје“, финансиран од Шведска, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.