Бизнис штафетна трка за најбрза македонска компанија – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/22 10:10 AM

Бизнис штафетна трка за најбрза македонска компанија

Бизнис штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв”.

Стартот на трката ќе биде во 10 часот пред хотел „Парк”. Во трката ќе учествуваат компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва…, субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во државава.

Трката ќе биде штафета со четири измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга осум километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.

Најбрзите три тимови на Business Run 2022 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, тие кои истрчале најбрз круг.

Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење меѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух меѓу вработените, информираат од Здружението „Прв до врв”.