Македонските фудбалери поразени на гостувањето во Грузија – ММС
ММС

Објавено на: 09/23/22 8:24 PM

Македонските фудбалери поразени на гостувањето во Грузија

Македонската фудбалска репрезентација ги загуби шансите за промоција во повисок ранг во Лигата на нации и место во баражот за пласман на ЕУРО 2024, откако вечерва претрпе пораз на гостински терен од Грузија во Тбилиси со 2:0 (1:0) во рамки на претпоследното коло во групата 4.

Грузија извојува победа искористувајќи ги максимално грешките во македонската одбрана, иако избраниците на селекторот Благоја Милевски во голем дел од натпреварот одиграа квалитетно и го диктираа темпото на играта.

Домаќините поведоа со автоголот на Бојан Миовски во 35 минута, а конечниот резултат го постави Квича Кварацкелија во 64 минута по кардинална грешка на дефанзивецот Дарко Велковски.

Македонските фудбалери доминираа на теренот до водечкиот гол на Грузија, а откако и во воведните 20-ина минути од вториот дел повторно не реализираа голем број шанси уследи втората казна од домаќините и втор пораз во ова издание на Лигата на нации од вечерашниот противник.

На едно коло пред крајот на натпреварувањето, Грузија го обезбеди првото  место во групата во Ц-дивизијата со 13 бодови, пред македонската репрезентација која остана второпласирана со седум бодови.

Противник на македонскиот состав во последното коло ќе биде Бугарија в понеделник во Скопје.