Кој е Виктор Медведчук? Над 200 Украинци разменети само за кумот на Путин, тежок половина милијарди долари – ММС
ММС

Објавено на: 09/22/22 11:29 AM

Кој е Виктор Медведчук? Над 200 Украинци разменети само за кумот на Путин, тежок половина милијарди долари

Украинскиот опозициски политичар Виктор Медведчук, кој беше уапсен во април, беше разменет со Русија како дел од размена на затвореници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски рече дека 200 украински затвореници се вратиле дома во замена за Медведчук.
– Прво ни беше понудено да вратиме 50 наши луѓе во замена за еден од оние во притворот на Службата за безбедност на Украина.Разговаравме,  инсистиравме. Бројката се зголеми од 50 на 200 – рече Зеленски.
Васил Малиук, вршител на должноста шеф на украинската служба за безбедност, рече дека Медведчук „не е само кум на детето на Путин, туку е документиран и како предавник“.

– Покрај тоа, работејќи на случајот Медведчук, неутрализиравме неколку агенциски мрежи, уапсивме неколку предавници и добивме многу вредни информации кои ги користиме за контраразузнавачки операции и кои ќе не доближат до нашата победа – додаде Малиук.

Кој е Медведчук?


Виктор Медведчук е роден во 1954 година во Сибир, каде што неговите родители биле протерани откако неговиот татко бил осуден за соработка со нацистите за време на окупацијата на Украина. Работеше како адвокат, а подоцна влезе во политиката.
Медведчук е лидер на Опозициската платформа за живот, најголемата опозициска партија во Украина. Во март, партијата беше една од неколкуте суспендирани од Зеленски поради нејзините врски со Русија. Тој се споменува како еден од фаворитите на Путин да го преземе Киев во случај Русија да успее да го освои градот. Медведчук вели дека рускиот претседател Владимир Путин е кум на неговата ќерка.

Украинските власти го ставија Медведчук во домашен притвор, но тој избега три дена откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.

Богатство од половина милијарда долари
Медведчук е познат како еден од најголемите противници на Европската унија, која своевремено ја споредуваше со нацистичка Германија. Тој беше обвинет за организирање протести за поддршка на Русија и тогашниот претседател Јанукович, но никогаш не беа пронајдени докази за таквите тврдења.

Форбс неговото богатство го проценува на половина милијарда долари.
Тој е сопственик на мегајахтата The Roial Romance долга 92 метри, која со години била закотвена во центарот на Риека. Пред неколку недели, како што тогаш пишуваше „Нови лист“, таа јахта го напушти пристаништето во Риека и тргна кон пристаништето во Трогир.

Во февруари, пред инвазијата, магазинот Тајм објави напис за пријателството меѓу Медведчук и Путин. Ова е дел од написот: „Тие заедно летуваат на Црното Море. Тие се занимаваат со бизнис. Тие се опседнати со врските меѓу нивните земји и западните сили кои ги гледаат како сили на раздорот“.

– Нашата врска се развива повеќе од 20 години. Не сакам да кажам дека ја користам таа врска, но можете да кажете да – изјави Медведчук.
– Путин би можел да го каже истото за Медведчук. Како водечки глас на руските интереси во Украина, политичката партија на Медведчук е најголемата опозициска сила во парламентот, со милиони поддржувачи. Во текот на изминатата година, таа партија беше на удар на критики. Медведчук беше обвинет во мај за предавство и ставен во домашен притвор во Киев. Минатиот месец САД го обвинија него и неговите сојузници дека планираат државен удар со помош на руската војска – пишува Тајм.

Извор: Блиц.рс

Фото: Твитер