Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова го опиша говорот на Џо Бајден во ОН како груб и го обвини американскиот претседател дека погрешно го цитирал Путин.
– Во врска со говорот на претседателот на САД сметам дека е сосема непристојно како започна тој говор. Непристојно не затоа што немаат право да зборуваат или немаат право да допираат други земји. Туку непристојно затоа што тој тврдеше дека го цитира претседателот на Русија. Ние, како и секогаш, почнавме по двапати да ги проверуваме зборовите на Бајден. Бајден сигурно тоа го кажа, но претседателот на Русија не го кажа тоа што Бајден го пренесе, рече Захарова.
Таа додаде дека Путин го кажал сосема спротивното од она што го пренесе Бајден и американските медиуми. „Тоа е нивна пропаганда“, рече таа.
Американскиот претседател Бајден ја обвини Русија за кршење на основните принципи на членството во ОН со инвазијата врз Украина и дека „неодговорно“ се заканува со нуклеарно оружје.
Говорејќи на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Бајден го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин дека започнал војна без никаква причина.
– Постојана членка на Советот за безбедност на ОН го нападна својот сосед, се обиде да избрише суверена земја од мапата на светот. Русија срамно ги прекрши основните принципи на Повелбата на ОН“, рече Бајден.
– Во нуклеарна војна нема победници и таква војна никогаш не смее да се води, рече Бајден.
Американскиот претседател додаде дека никој не и се заканувал на Русија, иако таа го тврди спротивното и оти само Русија сака конфликт. Тој вети дека САД ќе останат зад Украина.
Белата куќа, исто така, објави дополнителни 2,9 милијарди долари за глобалната безбедност на храната, покрај претходно ветените 6,9 милијарди долари.
МИА
Фото: Твитер