Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работно место“, што денеска се одржа во Кабинетот на претседателот.
Според Ѓоргиевска, досегашните анализи на националните, регионалните и глобалните состојби упатуваат на една загрижувачка тенденција – и покрај напредокот во степенот на образованието на жените, на нивното работно искуство и стручност, сеуште нема рамноправна валоризација на трудот на жените. Причините за оваа дискрепанца меѓу декларативното и фактичкото во однос на примањата, според Ѓоргиевска, се многубројни, структурни и честопати гравитираат околу родово-базираната дискриминација со која се соочуваат многу жени и во македонското општество.
„Принципот на еднакво вреднување за еднаква работа е еден од најстарите принципи на Европската Унија. Оттука, проблемот со нееднаквата заработка не е само економско и политичко, туку и прашања на правичност. Имено, еднаквото достоинство меѓу мажите и жените подразбира и правична валоризација на нивниот вложен труд. Жените кои се еднакво третирани се многу помотивирани да вложуваат во личниот и кариерниот развој, и со тоа да придонесуваат кон колективниот напредок на целото општество“, рече Ѓоргиевска.
„Затоа, за да се затвори родовиот јаз и да се намали нееднаквоста на жените во економската сфера, ги поддржуваме мерките за економско јакнење на жените, за женско претприемништво, за праведно и достоинствено вреднување на работата. А со тоа ќе придонесеме кон постигнувањето на родова еднаквост“, рече Ѓоргиевска.
Главна цел на конференцијата, што се одржа под покровителство на сопругата на претседателот, а во организација на Центарот за управување со промени (ЦУП) и Алијансата за родова еднаквост (ГЕА), е да се поттикне прашањето за родовиот јаз во платите, да се анализираат состојбите, трендовите и да се пренесе важна порака за значењето на надминувањето на родовиот јаз во платите како дел од комплексниот процес на унапредување на родовата рамноправност.
Свои поздравни обраќања на настанот имаа и Нина Ангеловска, претседателка на ГЕА и Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на ЦУП. Во рамки на конференцијата се одржаа две панел дискусии на тема „Состојбата со родова еднаквост на работното место во Република Северна Македонија“ и „Градење на подобри работни места преку обезбедување родова еднаквост“.