„Можеби сме свињари и овчари, но трева не пасеме“ – Протестираа малешевските одгледувачи на свињи, в петок ќе блокираат и патишта – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/22 2:07 PM

„Можеби сме свињари и овчари, но трева не пасеме“ – Протестираа малешевските одгледувачи на свињи, в петок ќе блокираат и патишта

Во беровското село Смојмирово се одржа најавениот протест на одгледувачите на свињи од Малешевијата.

Протестот, како што истакнаа организаторите, е поради решението за депопулација на свињи на оваа територијата со цел заштита од болеста африканска чума.

Eден од организаторите на протестот, Александар Мачевски рече дека иако поканиле надлежни да ја образложат одлуката на собирот, нивното присуство изостанало.

-Протестираме затоа што не сме задоволни од одлуката на АХВ со која се врши депопулација на свињите на наша територија. За време на протестот дојдоа од полицијата и нѐ известија дека одлуката е сменета и дека нема да се уништуваат и да ни ги земаат свињите. Тоа е срамота, а утре или задутре ако не казнат кога ќе дојдат да ни ги земат свињите прво ќе треба да ја викнеме полицијата бидејки таа ни ја соопшти одлуката. Ако продолжат со старата одлука, ние нема да се тргнеме од овде, сѐ додека не дојдат да ни соопштат како понатаму. Ако не дојдат, ќе продолжиме со друг протест и блокирање на цела Малешевија, рече Мачевски.

Мачевски воедно упати повик и до претставниците на Анима Мунди кои претходно реагираа во случај во кој го обвинија за малтретирање јагне, да реагираат и сега и да ги заштитат свињите кои, како што додаде, од вчера почнаа да се уништуваат во неколку села во Малешевијата.

Според Димитар Пачрски, неприсуството на надлежните од АХВ да разговараат заеднички за можното решение на проблемот, ги принудува одгледувачите на свињи да го радикализираат протестот во наредните денови.

-Не тераат со сила да се радикализираме и да направиме нереди  за да дојдеме до некое наше право или сознание што всушност се случува тука. Како единствена општина која е најчиста во државата и во однос на климатски услови и се друго, не ни даваат на раат да јадеме месо. Ние добро си поднесовме барање да дојдат да ни кажат дали нашата стока е заразена или не е заразена. Ако не е заразена нека не остават да си ја чуваме и храниме, а не на нив кога им текне да ни ја уништуваат. Зошто не појдат во некоја фарма, тука не најдоа нас кои можеби сме свињари и овчари, но трева не пасеме. Зошто не дојдат сега ветеринарните инспектори да ни кажат дека од утре нема да ни ја уништуваат стоката, рече Димитар Пачрски.

На протестот на одгледувачите на свињи денеска им беше соопштено дека е донесена нова одлука со која се одложува депопулацијата во радиус од 10 километри на територијата на Малешевијата.

За в петок, организаторите најавија нов протест со блокирање повеќе патни правци во Малешевијата.

 

МИА