„Милчо Манчевски повторно нè носи во Јапонија“: Светска премиера на филмот „Кајмак” во Токио – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/22 12:42 PM

„Милчо Манчевски повторно нè носи во Јапонија“: Светска премиера на филмот „Кајмак” во Токио

Светската премиера на филмот „Кајмак” на македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе се случи на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ), кој ќе се одржи од 24 октомври до 2 ноември.

Фестивалот во Токио е на А-листата заедно со Берлин, Кан и Венеција, најголем е во Азија и еден од најголемите во светот. „Кајмак” во Токио ќе се прикаже во официјалната селекција за награди. Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак” ќе продефилираат на црвениот килим во Токио и ќе учествуваат во два разговори со публиката. Манчевски ќе одржи и специјален мастерклас за јапонската стручна публика и за студенти.

Во 1995, Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски вушност беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот” и со „Прашина”, а сите негови филмови се исклучително почитувани.

„Кога првиот пат бев во Токио го држев во раце златниот лав од Венеција на Куросава (за „Рашомон”) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-тина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио”, изјави Манчевски.

На денешната средба со новинарите, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска изјави:

„Денес, Милчо Манчевски повторно нè носи во Јапонија со неговиот најнов филм, „Кајмак”. Во меѓувреме светот дозна за Македонија преку неговите филмови. Тие ги пренесоа на сите континенти, во стотина земји, убавините на нашата земја, ама – уште поважно – вредноста на македонската култура и македонскиот јазик”, вели Костадиновска Стојчевска.

„Кајмак” е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември.

Во „Кајмак” поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти се од државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд Еуроимаж. Агенцијата за филм на Северна Македонија обезбеди 48 проценти од буџетот, а Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Во екипата се вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија и Србија.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.