Пратениците од првиот парлментарен состав во Собранието на Република Македонија со поддршка за претстојниот референдум. Тие денеска се обратија на прес конференција на која порачаа дека според нив, Македонија никогаш нема да добие Договор кој ќе биде подобар од оној од Преспа.
„Ципрас е единствениот премиер чија фамилија потекнува од Демократската армија на Грција која се бореше заедно со нашите предци, Грци и Македонци, независно што сакале грчкото општество да го преуредат во комунизам“, изјави поранешниот пратеник Михаил Пановски, потсетувајќи на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека граѓаните на референдумот треба да гласаат исклучиво според своите сопствени убедувања.
Поранешниот пратеник, Алил Џаферовски им порача на граѓаните за политичките партии да гласаат на избори, а не сега, бидејќи претстојното гласање е на референдум:
„Имавме историска можност во ваше име да ги удриме темелите на нашата независност. Ја донесовме Декларацијата за независност и сувереност во 1991 година, за нашата јасна определба за членство во НАТО и ЕУ. Го донесовме Уставот со кој од правен аспект ја заокруживме државноста на Република Македонија. Од денешна временска дистанца, ги направивме вистинските чекори во вистинско име. Приемот во ООН во 1993 беше условен со прифаќање на Спогодбата со Грција и мислевме дека не погрешивме. Денес нашето членство во НАТО и ЕУ повторно е условено со прифаќање на уште една спогодба. Ако го направиме истото повторно нема да погрешиме. Мислиме дека имаме право да се повикаме заедно да направиме уште еден вистински чекор“.
Според пратениците од првиот парламентарен состав, промената на Уставот согласно Рамковниот договор придонела во етапното создавање на како што сметаат тие рамноправна држава, иако дел од нив сметаат дека на тоа поле претстои уште работа.