Македонската академија на науките и уметностите и Матица македонска, на 22 септември во 12 часот во мултимедијалниот културен центар Матица ексклузив во Скопје, ќе ја промовираат колекцијата од дваесет и два романи од академик Божин Павловски.
Со овој издавачки потфат се одбележуваат два јубилеи на авторот: 80 години од раѓањето и 60 години плодно творештво.
Романите на овој познат македонски писател се преведени на: англиски, француски, грчки, албански, италијански, руски, турски, полски, чешки, словачки, шветски, словенечки, бугарски, српски и др.
За богатиот романескнен опус на Божин Павловски и за неговата повеќе децениска општествена и културна мисија ќе говорат академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ и Гоце Смилевски, наш врвен романсиер и есеист.
Академик Павловски е добитник на меѓународните признанија: Интербалканската награда за книжевност во Грција, Интернационалната награда “Екселзиор” за унапредување на европската проза во Романија, Меѓународната награда “Арка” во Србија, како и двете признанија од времето на Југословенските Федерацијата: наградата “Железара Сисак” во Хрватска и наградата “Младост” во Србија. Добитник е на националните награди: Рациновото признание, “Стале Попов”, “Кочо Рацин” и “Духовен воин”, највисоката државна награда “11 Октомври” за животно дело во уметноста.
За неговото творештвото се објавени бројни есеи во повеќе земји, како и пет книги со критички –есеистички толкувања.
Во исто време со овој издавачки потфат на МАНУ и Матица, Грифин Прес во Австралија на англиски јазик, во редакција на Бредли Досон, ги објави романите на Павловски во печатена верзија, додека глобалниот издавач Киндл Букс ги презеде за дигиталниот пазар.