Вкупно 80 милиони денари ќе бара Општина Штип од владата, пари кои ќе бидат наменети за субвенционирање на електричната енергија на штипјани, со цел тие да плаќаат помали сметки. Ова е иницијатива која вчера ја предложија советниците на ВМРО-ДПМНЕ на седницата на советот.
– Целта е да се донесе одлука од страна на совет што практично би значело граѓаните на општината да немаат зголемен трошок за потрошената енергија поради зголемување на цената, бидејќи разликата би ја субвеницонирала државата и тоа по примерот на субвеницонирање на корисниците на топлинска енергија на Град Скопје, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов.
Опозицијата, пак, прашуваше со што е поткрепена оваа сума и бараа образложенија. Од владеачката партија им рекоа дека до сумата дошле согласно последниот попис и покачената електрична енергија.
На седницата опозицијата гласаше воздржано, а иницијативата беше изгласана од мнозинството советници. Следен чекор е на следната седница советниците да ја изгласаат предлог-одлуката, па таа да биде испратена до Владата која ќе одлучува дали Штип ќе ги добие овие средства.