ВМРО-ДПМНЕ не бира ниту средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека се она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза, пишува премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во реакцијата по објавувањето на документ од страна на ВМРО-ДПМНЕ кој, како што тврдат од партијата, докажува дека тој е или трајно неспособен или лажел за да не служи воен рок.
Ковачевски додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и оти културно ќе одговори на лагите и навредите.
-Никогаш ниту сум избегнувал, ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат, наведува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.