(Видео) Џабе е ако не ни проработи свеста за штедење струја, вели генералниот директор на ЕСМ Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/22 1:50 PM

(Видео) Џабе е ако не ни проработи свеста за штедење струја, вели генералниот директор на ЕСМ Ковачевски

За оваа грејна сезона ќе имаме електрична енергија која ќе биде со високи цени и енергенси со високи цени, сепак зимава може нема да биде проблем цената туку дали ќе има доволно електрична енергија, вели генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Тој во емисијата „Стадион“ на Канал 77 вели дека кај секој од нас треба да проработи свеста оти пред нас е тешка состојба и дека треба да се штеди секаде каде што е можно.

– Не мора во сите соби да свети, да работат телевизорите, треба да се прилагодиме согласно можностите. Џабе е ако не ни проработи свеста за штедење струја, вие ако штедите дома треба да штедите и во фирмата каде што работите и во институциите, вели Ковачевски.

Ковачевски објасни дека ЕСМ располага со 1437 мегавати инсталирана моќ, но функционални се околу 1200 поради застареност на капацитетите и немањето ресурси. Нашето производство во ЕСМ е 70 потсто од јаглен, 21 посто од хидропотенцијалите и два до три отсто се ветерниците во Богданци.

– Нашите капацитети се многу стари, ние во изминатите 30 години не сме направиле значајни инвестиции во енергетиката и тоа е пропуст на сите лидерства, зошто не се грижат за инвестиции кои треба да се случат. Последен значаен капацитет во државата е ХЕС Треска кој е пуштен во 2004/5 и од тогаш до сега направени се само ветерниците во Богданци. Тоа е поразително во нашата држава. Ако бараме одговорност, одговорност имаат сите политички субјекти, лидери и сите носители на функции во изминатите 30 години, рече Ковачевски.

Ковачевски информираше дека планот на државата е до 2030 земјава да нема потреба од увоз на енергија. Како што рече тој ЕСМ произведува 4050 гигават часови, а вкупната потрошувачка во државата е околу седум илјади. Со производството на ЕСМ и со капацитетите надвор од  него – ТЕ-ТО и ТЕЦ Неготино со по околу 500 гигават часови и малите хидроелектрани, стигнуваме до околу пет илјади гигават часови производство.

– Значи дека домашното производство е околу 70 отсто. Планот и оптимизацијата на домашното производство треба да биде идентично со потрошувачката и веќе во 2030 државава да нема потреба од увоз на енергија. Во овие 1870 мегавати инсталирана моќ кои треба да се планираат дел се гасни електрани кои треба да бидат субституција на блоковите еден и два во РЕК, најголем дел се фотонапонски електрани, имаме и ветерни паркови но најважен енергетски капацитет кој треба да се слули е ХЦ Чебрен, вели Ковачевски.

Генералниот директор на АД ЕСМ зборуваше за ископот, залихите, но и за увозот на јаглен, за рудниците и за мазутот. Одговараше и на прашања кои претходно во емисија ги постави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за ХЦ Чебрен, за плановите за ТЕЦ Неготино. Ќе слушнете и за зградата на ЕСМ: