СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривична пријава против Г.Ј.(43) од Скопје за злоупотреба на службена положба и овластување, казниво по член 353 став 3 и став 5 од Кривичниот законик на РМ.
Министерката Г.Ј.(43) во 2012 година, во повеќе наврати, избегнувајќи ја законската регулатива за вработување на приправници во отворена и јавна постапка со објавување на јавен оглас, се обратила до Министерството за финансии со барање да обезбеди финансиски средства за вработување на 70 приправници со високо образование и 30 приправници со средно образование. Во барањето посочила дека за пет работни места со високо образование ќе биде објавен јавен оглас, додека за 65 приправници со високо образование и 30 приправници со завршено средно образование вработувањето ќе се изврши без објавување на јавен оглас, со обезбедување на финансиски средства за бруто плата за 30 приправници со средно образование во висина од 15.028 денари по вработено лице.
Г.Ј.(43) според пријавата, на 6 јуни вработила сопруга на висок полициски функционер во МВР, иако за работното место било предвидено четиригодишно стручно образование, а вработената била со тригодишно средно образование и склучила договор за вработување со целосен износ на месечна плата од 620 бодови, без внесена клаузула- приправник.
На тој начин, бил избегнат задолжителниот намален износ на исплата на месечна плата додека трае приправничкиот стаж, со што пријавената го оштетила МВР и буџетските средства во периодот од 6.06.2012 година досега во износ од 1.724.885 денари.