Немаше кој не се наежи во, за жал, не полната сала на МОБ, на вчерашниот конерт на „Танец“, по повод 100-годишнината од раѓањето на македонскиот славеј Александар Сариевски.
За оние што не биле треба да им биде жал, бидејќи е ретка можност на едно место од неговите достојни наследници да се слушнат безвременските песни што тој ги испеал за неговата пребогата 60 годишна кариера.
Концертот почна со документарец за „Славејот од Галичник“, кој со, за жал, ретки снимки легендата раскажуваше за себеси и времето кога почнувал и творел.
-Како мал човек секогаш им бев интересен на луѓето. Пеев на разни случувања во Галичник. Кога дојдов во Скопје се почудив кога видов толку голем град. Се двоумев на почетокот дали ќе го изберам вистинкиот пат, да ја напуштам „сигурната работа“ и школувањето или да одам таму каде ме води срцето, а тоа е музиката. И не згрешив. Со музиката го прошетав светот, кажа тој во документарецот и откри уште неколку детали од неговиот богат живот.
-Ја напуштив работата во Пошта и се вработив во хорот во Операта. Потоа заминав во „Танец“, каде ми се случи најголемото доживување, турнејата низ САД и Канада, раскажа Сариевски, кој не само по својот уникатен глас е познат и по тоа што е еден од основачите на „Танец“, кој беше и организатор на концертот.
Во публиката беа и неговите потомци, кои примија благодарница во чест на својот дедо и прадедо, но, зажал, секој од нив си е со своја професија и досега ниеден од нив не се занимавал со пеење.
И потоа почна она за што е најзаслужен Сариевски, а тоа е песната. Од грлата на Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Сузана Спасовска, Далибор Ѓошиќ, заедно со хорот и оркестарот на Танец со песните на славејот беше чест да се биде дел од овој настан.
Се слушнаа фолклорните бисери „Абер дојде, Донке“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Филизој моме“, „Нарочува бело Менде, порочува“, „Зајди, зајди јасно сонце“, „Саноќ ми булбул пропеа“, „Сулејман седит на кула“, „Те кажувает, бре, Илиној моме“, „Нит прела гора, нит ткала“, „Ор, невесто, Стојанице“, „Седна баба да вечера една еребица„, „Дејгиди, луди, млади години“, „Сношти го видов убавото Стојне“ и многу други.
Најемотивен дел, сепак беше исполнувањето на безвременската „Зајди, зајди“, која во комбинација на Сузана Спасовска и Влатко Стефановски ги разнежни сите. Не помал аплауз сека, добија и останатите, кои достојно и на свој начин ги донесоа неговите незаборавни песни. На крајот сите пејачи, секако во придружба на хорот и оркестарот на „Танец“ се појавија на сцена и ја испејаа „Дејгиди, луди, млади години“. Публиката стана на нозе и со огромен аплауз им се заблагодари на сите. И на пејачите кои го продолжуваат делото на Сариевски и на славејот, за кого велат дека таков човек не се раѓа и дека навистина треба да сме горди што сме го имале. Затоа и сеќавањето на Сариевски никогаш не треба да се заборави.
(В.М.)
Погледнете ја галеријата од нашиот фоторепортер Вангел Тануровски, во која випренесуваме дел од атмосферата: