Фолк ѕвездата Наум Петрески, сепак ќе настапи вечер на концертот на Ансамблот „Танец“, а во чест на 100-годишнината од раѓањето на Александар Сариевски, иако утрово беше дециден во неговата намера.
Во соопштение до медиуми од Ансамблот „Танец“ стои дека тој ќе ја реализира својата одамна договорена соработка.
-Деновиве на социјалните мрежи и електронските гласила се пренесе револтот на нашиот познат вокален уметник на народна музика Наум Петрески, во кој е искажано лично незадоволство кон одредени појави, во чиј контекст беше предочена и можноста за ненастапување на концертот на НУ Танец, по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашата легенда на народната песна Александар Сариевски. Затоа чувствуваме потреба да ве известиме дека програмата вечерва ќе оди како што е предвидена, односно НУ „Танец“ и гостинот-солист Наум Петрески ќе ја реализираат својата одамна договорена соработка. Наум Петрески истакна дека заради големата почит кон Ансамблот „Танец“ и големиот Александар Сариевски, со кои има долгогодишни соработки и чувствува посебна одговорност, вечерва ќе настапи на концертот „Славејот од Галичник’, велат од „Танец“.
ММС се обрти до пејачот, кој ни потврди дека вечер ќе настапи и тоа од почит кон колегите и во чест на Сариевски.
-Се слушнав со колегите од „Танец“ и се договоривме. Сепак, ќе настапм заради нив и заради Сариевски. Совеста не ми дозволува заради „Танец“ и Сариевски, но, не поради Министерство за култура. За нив тоа го кажав и си стојам на ставот и така ќе биде и понатаму. Се додека размислуваат за политика, а не за тоа за што се поставени, да не ме бараат повеќе, ни рече Наум.
(В.М.)