(Видео) „Ќеиф ми е да си го претставам проектот на македонски јазик“: Симон Трпчески приреди „ептен македонско“ музичко уживање – ММС
ММС

Објавено на: 09/15/22 2:39 PM

(Видео) „Ќеиф ми е да си го претставам проектот на македонски јазик“: Симон Трпчески приреди „ептен македонско“ музичко уживање

Медицинските лица ќе ви речат „воздишката е здрава“. Ех, што ли да кажам, какво е чувството за нас овде вечерва да ве гледаме во толкав број на официјалната македонска премеира на проектот „Македонисимо“ дома!

Со овие зборови, Симон Трпчески вчеравечер ги поздрави скопјани, за кои платото пред Националната опера и балет беше премало да ги собере сите кои дојдоа да уживаат во бесплатниот концерт на нашиот пијанист со светска слава.

Трпчески и неговите соработници со уживање во срцето на Скопје ја донесоа автентичноста на спојот на македонската народна песна со џез и класична музика, наречен „Македонисимо“. Овој проект својата светска премиера ја имаше во Германија во 2017-та година, а пет години подоцна си доаѓа дома.

„Навистина сме возбудени и среќни. Овој момент го чекавме, верувале или не, пет години и на оваа петгодишнина од проектот сме исклучително радосни. Си доаѓаме во главниот во главниот град на нашата земја што се вика Македонија, во Скопје и после многу концерти низ светот и после многу претставувања, баш ми е ќеиф што можам да си го претставам проектот на својот сопствен македонски јазик, во Македонија, на Македонците. Не можеме поинаку, нели?“, порача Трпчески и доби огромен аплауз.

-Македонисимо е посветен на вас, на македонскиот народ. Сето она за што раскажува Македонисимо е од перото на македонскиот композитор Панде Шахов кој дојде специјално од Лондон во Скопје. Македонисмо значи „ептен македонско“ – рече тој во своето обраќање пред многубројната публика која со восхит го следеше неговото музицирање под ведро небо.

За време на концертот, освен на пијано, Трпчески свиреше и на хармоника бидејќи како што претходно имаше изјавено, овој инструмент е всушност неговата прва љубов. Но, и запеа, пееше стари подзаборавени македонски и изворни песни, на кои го научил неговиот татко.

Тимот на „Македонисимо“ го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев, удиралки.

По два биса Симон и публиката едвај се разделија, а веќе зад сцената го чекаа многу негови обожаватели да го гушнат и да му честитаат.

-Да си го чуваме, златно дете. Светско а наше. Големо, а толку скромно и воспитано, беше коментар на присутните зад сцена.

Да, таков е Симон Трпчески, бисер македонски. Тој вчера уште еднаш покажа колку Македонија му е во срцето.  По којзнае кој пат кажа дека „само дома си е дома и дома е најубаво“. Во Македонија и никако поинаку.

Преработките на најубавите македонски ора и песни ќе бидат презентирани и пред штипската, но и битолската публика. Трпчески најави дека проектот ќе го претстави во Штип на 25 септември, а ден подоцна и во Битола.

Претпремиерата на Македонисимо се одржа минатиот месец во селото Збажди кое е родно место на таткото на познатиот пијанист.

Вања Мицевска

Фото: Вангел Тануровски

Погледнете ја галеријата од спектаклот што вчера го направи Трпчески:

 

„Македонисимо“ си доаѓа дома: Симон Трпчески и пријателите со македонска премиера на музичкиот проект