Нашиот народ е мудар и храбар, горд сум на нашите граѓани, порача Заев за Денот на демократијата – ММС
ММС

Објавено на: 09/15/22 1:43 PM

Нашиот народ е мудар и храбар, горд сум на нашите граѓани, порача Заев за Денот на демократијата

Поранешниот премиер Зоран Заев го честита Денот на демократијата на својата Фејсбук страница.

– Ова е време на соочување со пандемија и со војна. Време кое автократите сакаат да го искористат за уште поцврсто да завладеат со народот, држејќи го во страв и неизвесност. Но, нашиот народ е мудар и храбар. Со демократски глас ги спречивме оние кои сакаат со насилство и крв да ја убијат демократијата, вели Заев во видео-пораката.

Денес, продолжува тој, одлучуваат тие кои гласаат, а, не оние кои бегаат.

-Демократијата е глас. Гласот на секој еден поединец. Глас слушнат, разбран, уважен, испочитуван. Гласот на сите групи во нашето општество. На волонтерите, на извидниците, на земјоделците, на лекарите, на рударите… Секој еден од нив е важен во демократија. Го запревме Владеењето СО народот. Денес имаме Владеење НА народот, наведува Заев.

Натаму додава дека „и кога го почитувате гласот на граѓаните, демократијата останува запишана како победник во историјата“.

-Горд сум на нашите граѓани кои не само што ги освоија слободата и демократијата, туку и ги негуваат и развиваат. Токму затоа – и кога бев тоа што бев, и кога сум тоа што сум, демократијата била, е и ќе биде мојот најголем идеал. Нека ни е честит и вечен Денот на демократијата, додава Заев во видео-пораката.