(Видео) „Министерке, бидете професионалец, не гледајте партиски“ – Наум Петрески разочаран од Министерство за култура го откажа учеството на концертот на „Танец“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/15/22 11:46 AM

(Видео) „Министерке, бидете професионалец, не гледајте партиски“ – Наум Петрески разочаран од Министерство за култура го откажа учеството на концертот на „Танец“

Скандал се случи на неколку часа пред одржување на вечерашниот концерт на Ансамблот „Танец“, по повод 100-годишнината од раѓањето на Александар Сариевски.

Иако беше најавен, сепак, фолк ѕвездата Наум Петрески го откажа учеството на концертот.

Причината за тоа, како што рече Наум за ММС, е што е лут на Министерството за култура за многу работи претходно и дека веќе му е дојдено преку глава од партиски игри.

-Точно е дека ме викнаа, секако, проблемот не е до „Танец“. Но, јас искажувам револт и јас откажав. Одсега не сакам да учествувам во ништо што е поврзано со Министерство за култура. Знам „Танец“ го организира, но е под покровителство на Министерство за култура.  Јас немам ништо протв „Танец“, немам ништо  против никого во овој Ансамбл. Но, имам против Министерство за култура и пообро ќе биде да не ме бараат понатаму. Разочаран сум многу, многу, вели Наум и додава:

-Годинава славам 35 години јубилеј од мојата кариера. Побарав помош од Минситерство, ама ме одбија. Па не правам јас јубилејни концерти секоја година, на пет години. Побаравме помош од нив најпрофесионално, со сите нишани. Ми вратија дека не се заинтересирани. Ама еве славам јубилеј на македонската песна и без нив. Поминаа концертите во Битола и Охрид, а сега е во подготовка концертот во Скопје.  Јас досега од нив не сум имал некаква помош, нешто ситно за 30 годишнината. Живеам и творам без нивна помош, но, не е фер, вели разочарано Наум.

Наум вели дека сите покани од Минитерство за култура досега не ги одбил и секогаш бил тука кога требало да се промовира нашата музика во светот.

-Кога се отвораа културните центри низ светот тогаш бев добар за да го промовирам  македонскиот фолк. А сега не чинам. Навистина на многу места сум бил кај што организирале, дури сум бил и таму каде што другите ги откачиле. Јас сум  бил од почит и од што навистина си ја сакам Македонија и македонската музика. Ама ова веќе нема смисла. Би сакал да и порачам на министерката да не ги гледа работите партиски, туку професионално, вели Наум за ММС.

Според него треба да се направи почит на таков голем човек каков што е Александар Сариевски. Но, треба и да се поддржат тие уметници кои сега го чекорат неговиот пат.

-Со Сариевски лично се познавав и многу добро си живеевме. Да не бидам погрешно сватен, јас против концертот за Сариевски немам ништо, ниту, пак, против „Танец“. Па јас пеев на концертот на „Танец“ за 100 годишнината на Сариевски, кој пред неколку месеци се организираше во неговиот роден  Галичник. Тоа беше непосредно пред  Галичката свадба. Ама имам против селективноста и партизацијата на Министерство за култура, објасни Наум.

Весна Миленковска