Со премиерот на Република Грција Киријакос Мицотакис, денеска имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и за кои постигнавме договор, а кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција по средбата со грчкиот премиер Мицотакис.
Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски:
„После средбите кои ги имавме со претседателот и премиерот на Србија и премиерот на Албанија, во рамки на Самитот Отворен Балкан во Белград и после средбата која ја имавме со претседателот и премиерот на Бугарија, денес имавме исклучително корисна и позитивна средба со премиерот на Грција г. Мицотакис и со неговиот тим од економските ресори.
Темата на разговорите е справувањето со енергетската криза бидејќи интензитетот на кризата и последиците од војната во Украина претпоставуваат регионално здружување и регионална соработка со цел најдобро да се помине претстојната зима, која ќе биде исклучително тешка што веќе и сите го потврдуваат и лидери во регионот и во Европа.
Денес имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“.
Втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет.
Важно беше да се договориме со оглед на тоа што веќе се јавуваат недостатоци на енергенси и електрична енергија во цела Европа да обезбедиме непречено снабдување со овие енергенси и доколку се случи било какво ограничување од извозот од Грција се договоривме дека такво ограничување нема да биде воведено за Република Северна Македонија.
Втората тема се големите проекти кои се однесуваат на енергетската трансформација, прво во однос на изградбата на гасоводот преку Грција, интерконекторот Евзони до Северна Македонија, односно до Неготино, веќе е отпочната процедура за маркет тест којашто треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција и со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети на овој гасовод, доколку се тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината.
Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 МВ која што тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена на Влада и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Република Северна Македонија, меѓутоа и за регионот.
Третата тема на која разговаравме, тоа е проектот „Чебрен“ за кој веќе е отпочната процедура и после голем број на неуспешни обиди да има понуда и инвеститор кој е заинтересиран за изградба конечно овој пат имаме понуда која е од ППС, грчката компанија. Таа ќе помине низ нормално филтрите на евалуација од страна на комисија која што тоа го работи во рамки на нашите институции. И доколку евалуацијата покаже соодветност на понудата со очекувањата тогаш, исто така, до крајот на годината може да очекуваме потпишување и на договор за изградбата на овој би рекол најголем енергетски капацитет во регионални рамки кои би се градел.
Сето ова помина во знакот на исклучително позитивна атмосфера и во духот на високото ниво на добрососедски односи кои што ги имаме со Република Грција.
Дополнително премиерот Мицотакис изрази задоволство што Северна Македонија ги отпочна преговорите со Европската Унија и што веќе сме на пат на полноправно членство во ЕУ и нормално ги даде на располагање капацитетите со кои располага Грција во делот на европските интеграции со оглед на тоа што тие се една од постарите членки на ЕУ. А секако дека секоја експертска помош која е на располагање ќе биде добредојдена на нашиот преговарачки тим и на нашите институции.
Во однос на другите теми, го истакнавме задоволството од големата трговска размена која ја имаме со Република Грција и со подобрените односи во изминатите години.„