– Во својот нов Извештај за Северна Македонија Светската здравствена организација (СЗО) забележува дека земјава постигнува напредок во намалувањето на антимикробна резистентност и во користењето е-здравство во одговорот на КОВИД-19, додека катастрофалните здравствени трошоци и понатаму претставуваат предизвик.
Во „Здравствени системи во акција: Северна Македонија“ – новиот извештај на СЗО за Северна Македонија нагласува дека земјата почнала да презема координирани чекори за намалување на нерационалната употреба на антибиотици и за зајакнување на системот за надзор на антимикробна резистентност. Антибиотиците, велат од СЗО, се лекови што спасуваат животи, но, нивната злоупотреба придонесеува за појава на мултирезистентни организми, кои се закануваат да ја намалат нивната корисност.
Овој извештај е еден од 14-те национални извештаи од серијата извештаи за поддршка на земјите членки во Европскиот регион на СЗО што не се членки на Европската Унија. Серијата, нагласуваат од СЗО, е продуцирана заеднички од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Европската опсерваторија за здравствени системи и политики.
-Новите 14 извештаи даваат важни информации за состојбата на здравствениот систем во секоја од земјите. Ова им овозможува на земјите членки да видат како се развива нивниот здравствен систем со спроведувањето на Програмата за работа на СЗО Европа (ЕПР), која ги води активностите на СЗО во 53 земји во Европа и Централна Азија, и да направат споредби со други земји за одредени здравствени теми со текот на времето, потенцира д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Тој додава дека со следење на напредокот со помош на конкретни докази, креаторите на политики можат да добијат подобри насоки за тоа какви здравствени инвестиции се потребни за надградување на постојните силни страни, за подобро справување со недостатоците и предизвиците, а со тоа и за поддршка на здравјето и благосостојбата на граѓаните и сега и во иднина.
Според податоците од извештајот, е-здравствените интервенции одиграле клучна улога во одговорот на земјата на пандемијата на КОВИД-19 од почетокот на 2020 година.
-Се воведе дигитален регистар на здравствени работници, беше изработен модул за телемедицина со што се овозможи преглед на пациенти на далечина преку користење ИТ технологии, редовно се применуваа телефонски консултации во примарната здравствена заштита, а се овозможи и издавање е-рецепти за пациенти со хронични заболувања. Овие е-здравствени интервенции го подобрија пристапот до основните здравствени услуги, особено за ранливите и недоволно опслужените групи, се вели во соопштението од СЗО во земјава во кое се пренесуваат делови од Извештајот.
Според него, иако пристапот и до јавно финансирана здравствена заштита е подобрен во последниве години, катастрофалните трошоци за здравствена заштита и натаму претставуваат проблем, особено за посиромашните домаќинства.
Катастрофалните трошоци, според СЗО, се должат главно на приватни плаќања за лекови. Високото ниво на приватни трошоци, вклучително и неформални плаќања, ја намалува веројатноста групите граѓани со ниски приходи да ги добијат потребните здравствени услуги.
СЗО во овој Извештај го пофалува напредокот на Северна Македонија во, како што нагласува, многу сложени околности. Од оваа здравствена организација нагласуваат дека важно е да се напомене оти постигнувањата на Северна Македонија се остварени во многу сложени околности, а особено во услови на глобална пандемија. Северна Македонија, според СЗО, била погодена од пандемијата на КОВИД-19 посилно отколку многу други земји, особено за време на вториот и третиот бран.
-Новите извештаи даваат важни информации и податоци за здравствените системи во овие земји на концизен и достапен начин, вели д-р Наташа Азопарди Мускат, директорка за национални здравствени политики и системи во СЗО/Европа и додава дека со истакнување на напредокот и предизвиците, извештаите ќе ги поддржат земјите во понатамошното следење на здравствените системи со текот на времето, истовремено поставувајќи ги во поширокиот контекст на Европскиот регион на СЗО.
Четрнаесетте нови извештаи биле претставени на 72-та седница на Регионалниот комитет на СЗО за Европа во Тел Авив, Израел на 12 септември 2022 година. Секој извештај содржи најнови информации за земјата во однос на организацијата на здравствениот систем, стратегиите за финансирање и финансиска заштита, пристапот до ресурси и услуги, подобрувањето на здравјето на населението, стратегиите за антимикробна резистентност и напредокот кон исполнување на Европската програма за работа на СЗО.