оризот ќе стане стратешка култура и ќе се откупува за стоковите резерви, вели Николовски за законските измени – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/22 2:25 PM

оризот ќе стане стратешка култура и ќе се откупува за стоковите резерви, вели Николовски за законските измени

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изрази подготвеност за средба со претставници на оризопроизводителите, за да ги слушне барањата што тие ги изнесоа на вчерашниот протест и блокадата на магистралниот пат Кочани – Штип.

На денешниот брифинг со новинари, на кој беше претставен нов модел за субвенционирање преку програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, тој нагласи дека поддршката за оризот ќе продолжи, а  тој ќе стане стратешка земјоделска култура.

-Имаме потсекторски групи и наши економски социјални партнери, секојдневно се среќаваме со сите, до мене лично не е стасано барање, но ние сме отворени за граѓаните. Со низа мерки и политики даваме силен акцент на оризопроизводството и на наша иницијатива легислативата се менува, сè со цел оризот да стане стратешка култура што ќе биде откупувана од страна на стоковите резерви. Го исполнивме и клучното ветување дадено пред граѓаните, а тоа е интервентниот фонд, интервентната програма, и сме единствената земја во регионот којашто ја има. Сите барања што се доставени, и за средби и за конкретните состојби, ќе бидат разгледани и од мене и од мојот тим, буквално секој ден сме на терен и токму врз база на тоа искуство го предлагаме новиот концепт, истакна министерот Николовски.

Според ресорниот министер, поддршката за оризопроизводството во изминатите неколку години е сериозно подобрена, при што нагласи дека субвенциите по хектар се зголемени за 300 проценти, воведена е развојна субвенција, со навремена исплата на финансиската поддршка, а пред неколку дена биле потпишани десетина нови договори за набавка на специјални комбајни.