Република Северна Македонија денеска одбележува 31 година независност, односно од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
По повод 8 Септември – Денот на независноста во организација на Владата под мотото „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.
Централната прослава ќе се одржи на платото кај паркот Ибни Пајко, каде ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски, по што планирани се изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи. Во рамки на свечената прослава, ќе се одржи и атрактивно шоу на диск-џокеј, а истата ќе се пренесува во живо и на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата.
Чествувањето на денот, ќе започне во утринските часови кога премиерот Ковачевски со владина делегација во состав Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Беким Сали, министер за здравство како и Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
На денот на независноста, традиционално се доделуваат и наградите „8 Септември“. Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе им ги додели наградите на Оливера Наковска-Бикова за својата извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво, на Бранимир Јовановски за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера, Шабан Трстена за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година и на Дејан Георгиевски за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава.
Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ денеска во Собранието ќе врачи награди од областа на спортот за 2022 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот. Чедо Николовски е овогодинешниот добитник на наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Северна Македонија на меѓународен план.
Наградите со кои се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот им се доделуваат на: Атанас Костовски, Зоран Карановиќ, Стојан Андриевски и Ацо Јорданов.
Претпладне во градскиот парк на „Школка“ во Скопје ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“, по што ќе следат и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи.
Под мотото „Обединети во слободата“, во организација на Владата, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии.
Сите заинтересирани граѓани ширум Републиката, ќе имаат можност до 20 часот да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.
Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево.
Во Скопје, ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.
На централната прослава за граѓаните организирана е богата музичка програма, а ќе присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на граѓански организации, соработници.
Денес, Република Северна Македонија е самостојна и суверена држава, призната од соседите, членка на НАТО.
На 27 март 2020 година земјата и официјално стана членка на Алијансата, откако претходно сите 29 национални парламенти на земјите членки на Алијансата гласаа за ратификација на членството на земјава.
На 19 јули годинава, по 17 години кандидатски статус за членство во ЕУ, земјава по прифаќањето на францускиот предлог и потпишувањето на билатералниот Протокол со којшто се тргна блокадата на Софија, ја одржа првата првата меѓувладина конференција во Брисел, со која се означи отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија. Претстои да се донесат уставни измени со што ќе се отвори патот за одржување на втората меѓувладина конференција и официјален почеток на преговори. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го оспорува Договорот за добрососедство со Бугарија и уставните измени и поведе иницијатива за референдум.
Патот кон исполнување на евроатланските интеграции на земјата се отвори со потпишувањето на Договорот од Преспа со кој се реши повеќедеценискиот спор со Грција која го блокираше евроинтегративниот пат на земјава. Северна Македонија потпиша и Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година.
Во изминатите 31 година самостојност, земјата помина низ низа проблеми и потешкотии. Трицифрена инфлација на почетокот на 90-те години, грчко ембарго, косовска бегалска криза, конфликт во 2001 година, потпишување на Рамковен договор и политичка криза која беше надмината со Договорот од Пржино.
Самостојноста на земјата беше потврдена на референдумот во 1991 година, кога над 95 отсто од граѓаните се изјаснија позитивно на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Уставот беше донесе на 17 ноември 1991 година, а државноста прва ја призна Република Бугарија по што следуваа Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…..Монетарно, државата се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992 година, а потоа доби и своја Армија која родеденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.
Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на спорот со името на нашата земја кои траеја до јуни 2018 година кога во Преспа, тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот Метју Нимиц и поранешните еврокомесари за проширување и за надворешна политика и безбедност, Јоханес Хан и Федерика Могерини го потпишаа Преспанскиот договор со кој се стави крај на повеќедеценискиот спор за името.