Министерот за надворешни работи Бујар Османи да каже дали 28-годишната презентерка и несудена конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, е вработена во Министерството за надворешни работи, повика вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
-Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција, вели Грковска во изјава за „Дојче Веле“.
Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена посочи дека одговорите за ова прашање треба да се бараат во Министерството за надворешни работи.
-Јас гледам во континуитет, и тоа што не ми се допаѓа е една висока доза шовинизам од страна на опозицијата, особено насочена кон жените, тоа во континуитет се случува и тоа не е добро, изјави премиерот.
Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски вчера на новинарско прашање најави дека ќе го повика шефот на дипломатијата Османи да реферира пред Комисијата за случајот со Бесмира Ејупи.
– Ова прашање предизвика големо внимание, ние како Комисија за надворешна политика ќе направиме напор министерот Османи да реферира пред пратениците за случајот на Бесмира Ејупи колку е квалификувана да работи во МНР, дали има трговија со влијание за нејзиното вработување и дали била негов предлог за конзул што потоа бил повлечен, но дали била формално предложена да биде конзул во Њујорк како претставник на Македонија. Тоа ќе го направиме и се надевам дека пратениците од мнозинството ќе не поддржат за еден ваков надзорен состанок каде што министерот би информирал за овој случај, рече Милошоски.
Во членот 9 од „Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“ се вели дека „носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција“. Ако не се добие транспарентен одговор на прашањето дали Ејупи е вработена во МНР, вицепремиерката Грковска ќе треба да преземе мерки од нејзина надлежност, согласно со етичкиот Кодекс.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет по допрен глас за случајот и почна проверка на податоците од институциите во врска со објавени информации дека на Ејупи ѝ биле извршени 39 трансакции од страна на буџетски корисници. Комисијата тогаш отвори постапки за гонење на одговорните лица на општините Петровец, Сарај, Брвеница и Чаир и Државното правобранителство, за склучените договори за дело со Ејупи, која врз основа на договори за дело добивала пари од четири општини и од една државна институција.
МИА