Струмица утре (среда) ќе биде домаќин на маратонска забава од девет часа со светски познати ѕвезди во рамките на „Get EXITed“, во организација на тимот на ЕГЗИТ фестивалот и во соработка со градот Струмица. Забавата во Градскиот парк почнува во 19 часот со настап на нашата Дина Јашари и другарите, а продолжува со „21 век“, диџеите Гоце Саф и Чваре, балканската трап кралица Сенида, по што следува светски познатата италијанската техно диџејка Дебора Де Лука, хитмејкерот Махмут Орхан и за крај еден од најпознатите регионални диџеи Кристијан Молнар.
– „Get EXITed“ пристигнува на 7 септември во Струмица! Ветуваме многу дружење, добра музика и убави изненадувања. Ги повикувам сите народи на Балканот да дојдат во Струмица, за заедно да започнеме едно убаво и големо поглавје на нашиот отворен Балкан“, повика градоначалникот на Струмица, Коста Костадинов.
Тимот на познатиот фестивал ЕГЗИТ, што се одржува во Нови Сад, Србија, ги нагласува историјата и заедничката култура, како едни од основите фестивалот да се прелее во Македонија.
-Почетокот на оваа соработка е токму големиот „Get EXITed“ музички настан утре во Струмица. Една од основните визии на овој проект е вовед во креирањето на новиот македонски фестивал следната година, кој ќе стане нова важна туристичка атракција на Балканот. Многу сме возбудени што конечно ќе се собереме со нашата македонска екипа“, соопшти тимот на ЕГЗИТ.
Струмица, почеток 19 часот, „Get EXITed“ во Градскиот парк, отворен за сите со слободен влез.