Приватна фирма исплатила 500 денари регрес за годишен одмор, а трудов инспектор не констатирал повреда на законот – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/22 3:06 PM

Приватна фирма исплатила 500 денари регрес за годишен одмор, а трудов инспектор не констатирал повреда на законот

Инспектори за труд не постапувале според закон во предмет кој се однесува за непочитување на работнички права во една приватна компанија со околу 200 вработени, односно не виделе повреда на законот со тоа што им биле исплатени 500 денари за регрес за годишен одмор, наместо 40 проценти од просечната плата.

Катица Николовска од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на седницата на Комисијата денеска информираше дека фирмата по пријава и контрола од страна на испектори, со синдикатот во комапанијата склучила спогодба за исплаќање по 500 денари, а овластениот инспектор во вонреден надзор на компанијата не констатирал никаква повреда.

На седницата членовите на ДКСК го запреа постапувањето по предметот и предложија да се достави иницијатива за уврдување одговорност на државниот инспектор до директорот на Испекторатот за труд и Инспекцискиот совет.

Николовска појасни дека се работи за предмет кој се однесува на, како што рече, државни службеници кои не си ја извршувале својата работа, односно, не постапувале по закон за пријава за неисплатени ноќен труд, регрес или годишен одмор во една приватна компанија. Информираше дека Комисијата побарала Државниот инспекторат за труд да ги утврди констатациите, а истото барање до инспекторатот било упатено и од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет.

– Од Државниот испекторат за труд одговорија дека дел од наводите се потврдени. Се работи за контрола која ја вршел овластен инспектор за труд, утврдени се одредени состојби, дадени се одредени насоки на раководниот орган на компанијата која е наведена во пријавата, меѓутоа во одговорот наведено е дека: Во јануари 2021 година, овластен виш инспектор постапувал по поднесок од синдикална организација каде што учествуваат и вработените во компанијата за неисплатен регрес за 2020 година. Констатирано е дека не е исплатен регресот и донесена е испекциска мерка опомена и даден е налог за сите 196 вработени да се исплати регрес за годишен одмор. Од предметот во вонредниот инспекциски надзор, констатирано е дека работодавачот не постапил по опомената и не го исплатил целосно утврдениот регрес за 2020 година па затоа со спогодба за утврдување на понизок износ за регрес од март 2021 година синдикалната организација кај работодавачот, склучена е спогодба за исплаќање на регрес во висина од 500 денари. Износот за исплата на регрес утврден според закон е 40 проценти од исплатената просечна нето плата, истакна Николовска.

Појасни дека по повторна пријава, вишиот инспектор во март извршил контролен надзор и во записникот кој го подготвил не констатирал никакви поврди во работењето на правниот субјект. Николовска информира дека според наводите на Државниот инспекторат, при разгледување на предметот, инспекторот не констатирал дека 500 денари не треба да се исплатат затоа што таа спогодба е донесена отпосле, последователно по важноста на одлуката за исплата на регресот за годишен одмор. Испекторатот констатирал дека инспекторот требало да донесе инспекциска мерка наредба и да го задолжи работодавачот да го исплати целиот износ.

-Самиот факт што инспекторот не ја утврдил вистинската состојба во однос на висината на исплатеиот регрес има простор за надлежно постапување, нагласи Николовска од ДКСК.