Со отворениот ковчег и неговото тело покриено во бело, толпа Руси од утрото брза да се прости од последниот советски лидер, кој помогна да се стави крај на Студената војна. Михаил Горбачов ќе биде погребан на местото каде почиваат Јосиф Сталин и Владимир Ленин. Надвор од зградата, каде се одвива церемонијата, мерките за безбедност се драконски. Кремљ соопшти дека церемонијата ќе има само „елементи“ на државен погреб, како што е почесната гарда.
Горбачов ќе биде погребан на престижните гробишта Новодевичи во Москва покрај неговата сакана сопруга Раиса, која почина од леукемија во 1999 година.
Поради руската инвазија на Украина на погребот на Горбачов не присуствуваат западните лидери. Отсутен е и Владимир Путин. Сепак, унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој зазема спротивен курс кон неговите европски партнери, отпатува за Москва на погребот.
Орбан, сепак, нема да се сретне со Путин, како што појасни Кремљ, посочувајќи дека не била закажана средба меѓу унгарскиот премиер и рускиот претседател.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не добил покана да присуствува на погребот на Горбачов. Неговата претходничка Ангела Меркел ја одби поканата, наведувајќи ја повредата на коленото.
Сепак, на церемонијата ќе присуствуваат дипломати и амбасадори, меѓу кои и францускиот амбасадор во Москва, Пјер Леви, како и американскиот Џон Саливан.
Амбасадорот на Германија, Геза Андреас фон Гер, е позитивен на Ковид-19 и ќе биде застапуван од неговиот заменик.