Уставните измени мора да се случат, без нив Македонија е во регрес – изјави денеска вицепремиерот, Артан Груби одговарајќи на новинарско прашање дали е оптимист дека ќе се случат ваквите измени.
Според него, доколку Уставот не се измени, земјава ќе биде во регрест и нема да може да оди напред.
„Секој што сака Европска Македонија, секој што сака развој и да ја види нашата земја рамо до рамо со европските земји ќе даде поддршка за уставните измени од кои најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија. Конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ и тоа со прифаќање на самиот бугарски народ кој имаше други претензии. Од овој процес најголем добитник првенствено е македонскиот народ во Република Северна Македонија и сите граѓани на државата. Сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на Република Северна Македонија“, додаде Груби.
Прашан што значи тоа „одвојување“, кога македонскиот и бугарскиот народ се посебни, тој посочи дека со измените Бугарите ќе прифатат оти има апсолутно одвојување.
„Се потврдува од страна на Бугарите дека има апсолутно одвојување, дека постои македонскиот народ и македонскиот јазик и дека тоа е реалност, а тие го прифаќаат со овие уставни измени. Имаме посебна заедница на Бугарите во Република Северна Македонија која опфаќа не повеќе од 3500 граѓани и сите други се Македонци кои зборуваат македонски јазик“, додаде Груби.
Тој уште еднаш потенцираше дека контактираат со пратениците и со претседателите на политичките партии, но не кажа со кои.
„Сметам дека проевропското крило коешто е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени. Веќе имаме контакти и комуницираме со пратениците, со претседателите на политичките партии за начинот на кој ќе ја дадат својата поддршка за проевропска Македонија“, истакна Груби.
И покрај неговит оптимизам, од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да ги поддржат уставните измени.
уставни измени со ВМРО-ДПМНЕ нема да се случат, во ниту еден случај нема да се случат. Граѓаните шамарот на власта за предавството најпрвин треба да им го удрат на референдум, а потоа и на избори кога ќе ги однесат буквално до расформирање со поразот со кој што им го нанесат. Нема промена на Уставот на Република Македонија под овие околности, по ниту една цена – порача вчера на прес конференција портпаролот на партијата, Димче Арсовски.
(В. Ми)