„Децата ни тргнаа на училиште без пари за оброк“: Вработени од АД Водостопанство протестираа оти не зеле плати – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/22 5:21 PM

„Децата ни тргнаа на училиште без пари за оброк“: Вработени од АД Водостопанство протестираа оти не зеле плати

 Вработени од АД „Водостопанство” попладнево протестираа пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, барајќи исплата на три заостанати плати како и здравствено осигурување за два месеца.

Раководството на Синдикатот во АД „Водостопанство” најави дека ќе стапат во штрајк доколку не добијат одговор за исплатата во наредните два до три дена. Претседателот на Синдикалната органзиација на АД „Водостопанство”, Коста Малзарков изјави дека работниците се разочарани и без основни услови за пристоен живот.

-Протестираме затоа што немаме земено три плати, два месеци немаме здравствено осигурување, вчера почна школската година, децата тргнаа во училиште само нашите работници не можеа да ги испратат децата со тетратки моливчиња и ранци не можеа да им дадат по пари за оброк, немаат платено сметки за вода и струја, немаат платено рати за кредити секој ден им се јавуваат извршители, изјави Малзарков.

Тој додаде дека се уште немаат никаков одговор од Министерството за нивните барања.

-Од Министерството нè не испочитуваа, министерот не е тука, заменик министерот си отиде, државниот секретар си отиде, останатите ги пуштија три саати порано од работа, од државниот врв со месеци ги убедува дека утре ќе има пари, само уште нешто да се изгласа, само уште нешто да се пресмета. Тоа утре никако да дојде, се жалат од Синдикатот.

Од Министерството пак, во соопштение објавено непосредно пред почетокот на најавениот протест, информираа дека во интерес на вработените заедно со Владата работат на решавање на проблемот.

-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата одговорно го разгледуваат прашањето со обезбедување на дополнителни финасиски средства за АД Водостопанство. Владата веќе одобри дополнителна финансиска помош за АД Водостопанство до 200 милиони денари со кои ќе се реши овој проблем. Во интерес на јавноста сакаме да напоменеме и за околноста дека АД Водостопанство е посебен орган кој работи самостојно со сопствен буџет и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема никаква законска можност за распределба или управување со нивните средства, особено за платите кон вработените,  се наведува во соопштението.

 

МИА