„Се сликаа со нас па ни свртеа грб“: Македон Димитровски ниже нови успеси, а институциите заборавија на ветувањата – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/22 2:28 PM

„Се сликаа со нас па ни свртеа грб“: Македон Димитровски ниже нови успеси, а институциите заборавија на ветувањата

Го фалеа јавно за неговите успеси, организираа приеми и се фотографираа.

Неколку месеци подоцна, домашните политичари заборавија на ветувањата кои му ги дадоа на малиот Македон Димитровски од Тетово, кој поради натпросечната интелигенција во јавноста стана познат како „чудото од дете“.

Со своите вештини и способности Македон за кратко време ги освои симпатиите на сите, па за него се заинтересираа и од државните институции. Нивните ветувања за формирање комисија за програма за надарени деца, за поддршка во едукацијата и посредство со општествено одговорни компании, останаа празни. Родителите на малиот генијалец за ова реагираа преку социјалните мрежи, каде објавија дека детето постигнало нов успех, додека за него и останатите надарени деца, државата прави „нула“. Македонски медиа сервис го исконтактира таткото на Македон, Владимир Димитровски кој раскажа за новиот успех на осумгодишниот генијалец, но и за игнорирањето од страна на институциите.

Фотографии, подароци и празни институционални ветувања за поддршка на надарените деца

-Македон сега освои бронзен медал на светскиот натпревар „Математика без граници“. Кога тој ги освои првите златни медали бевме повикани во МОН на прием, каде нѐ пречекаа со почести, со фотографирање, подароци и многу ветувања за Македон. Ни ветија дека ќе помогнат во процесот на негова едукација, но сега и покрај многуте повици од наша страна, добивме едно големо ништо – вели Димитровски.

Според него, министерот за образование Јетон Шаќири ветил дека секој месец ќе се среќаваат за да се види како Македон напредува. Сепак, првата средба засега останува и последна. Од МОН им ветиле на родителите дека ќе стапат во контакт со сите поголеми амбасади за да помогнат и тие во едукативниот процес на овој ученик, но потоа Димитровски биле известени дека надлежните не можеле да искомуницираат на формално ниво.

Ветувањето пак, дека поддршка ќе дојде и од општествено одговорни компании исто така до денес не е реализирано, па како што вели Владимир, анонимните спонзори останале незаинтересни.

Тој прашува што треба едно дете со натпросечна интелигенција да направи за да добие поддршка од својата држава?

„Нас институциите нѐ повикаа, не отидовме ние кај нив. Бевме на средба со министерот за образование, кај претседателот на државата, кај градоначалници…Јас не сакам многу да зборувам за овие работи јавно, но добив револт. Зошто нѐ викнаа? Се фотографираа за да покажат дека се грижат за децата. Македон сѐ што направи, направи сам досега.  А не се работи само за него, има и други надарени деца“, вели Димитровски.

„Тој смета дека децата со високо IQ не можат да просперираат како што заслужуваат, бидејќи не добиваат соодветно внимание од државата. Требаше да се направи стратегија не само за Македон, ние не баравме нешто само за нас, туку воопшто и за другите деца што ќе се појават како него. Стратегијата што требаше да се направи за надарени деца не е само за Македон, тој е единка. Во другите држави постојат институции и цели гимназии за надарени деца, а кај нас нема ниту една програма. Барем да има програма по која ќе се раководиме, да знаеме тоа дете што треба да учи“, вели Владимир.

Тој потенцира дека со сопругата ќе плаќаат приватни професори за детето, но сепак потребно им е стручно мислење за да знаат кон која област Македон да се насочи.

„На нас не ни е целта да се докажува Македон. Важно е правилно да се развива, за да достигне во иднина нешто повисоко. Тие натпревари кои се организираат во Македонија, особено на локално ниво, голем дел од нив не се правилни. Не ни е целта да докажуваме колку медали тој ќе добие, туку да има правилно образование, правилно да се насочи“,  посочува Владимир.

Тој вели дека Македон со своите медали веќе го докажал својот капацитет, а главната цел на семејството е неговиот правилен развој.

„Сакаме да видиме во кој дел да го упатиме, бидејќи тој има интерес од сто области. Целта ни е да видиме како е најдобро да се насочи, дали тоа ќе биде математика, историја, астрологија и така натаму. Не знам на кој начин да одредиме каде да го упатиме, треба стручна проценка. Ние не сме доволно образовани од тој аспект. Како родители сме тука да го поддржиме, но сме субјективни затоа и јас го однесов првиот пат на тестирање. За сите родители, нивните деца се најдобри“, вели Владимир и потсетува дека првото IQ тестирање го направиле кога Македон имал четири години.

„Затоа го однесовме на првото тестирање за IQ за да видиме дали е поддржано тоа што го гледаме и сфативме дека тој е надарено дете. На четири години имаше IQ 134, а почна да пишува на две години. Кинески бројки и букви научи за еден час комплетно. Не му треба дигитрон, решава до 11 децимали, квадратни корени на памет вади, синус, косинус…сето тоа го владее“, раскажува таткото на „чудото од дете“.

Тој додава дека Македон е возбуден за новата учебна година, но само поради дружбите со врсниците. Инаку како што вели, материјалот кој го учат нему му е здодевен. Тој стандардно се интересира за математика, а во последно време многу го интересира историја и географија.

„Тој има премногу афинитети, не можеме да го ‘растргнеме’ детето. Тој треба да си има детство, да си игра со децата, не сакам да биде робот. Многу сака да си игра, му правевме роденденсега  на 29-ти август и беше целиот возбуден. Роденденот го славевме во една тетовска пицерија, ги собравме најблиските другарчиња негови. Тоа покажува дека тој сепак е дете, само е надарено дете. Со децата е дете, а со возрасните станува возрасен и добива друга димензија. Многу луѓе не може ни да го сфатат бидејќи тој си игра, скока на трамболина, но може и да ја нацрта цела карта на Европа“, истакнува Владимир.

Анегдотите со Македон се секојдневие

Тој вели дека анегдотите во нивниот дом се секојдневие, а прашањата на Македон, често ги тера да се замислат.

„Пред некое време се случи една анегдота, тој ми се јави на телефон и ме праша која е смислата на неговото постоење, но ме праша на англиски. Тој често зборува со нас на англиски јазик. Му реков ти постоиш за љубовта што ја имаме јас и мама кон тебе и ти кон нас. Тој ми рече дека има логика во тоа и дека ме прашал такво нешто затоа што не знаел зошто постои и која е смислата на животот. Замислете вакви прашања добиваме цело време, а тој сега е трето одделение“, низ насмевка вели Владимир.

Тој додава дека Македон постојано им поставува тешки прашања и сака во сѐ да најде логика.

-Еднаш на шега му реков „добро Македон, од која планета ти доаѓаш“, а
тој ми рече „аа не, јас сум од Земјата. На другите планети не е докажано дека има живот“. Замислете дека ова беше одговор на дете од пет години. Немаат крај анегдотите со него – посочува таткото.

Во разговорот за ММС се потсети дека еден ден слушнал дека Македон дома ја свири „Ода на радоста“ на сајзер, иако претходно никој не му покажал.

„Го прашав од каде го знае тоа, па ми рече дека слушнал на интернет. Тогаш свиреше цел ден, ние останавме без коментар, секој ден се изненадуваме. Има способност за трансформација и сака да им прави ќеиф на луѓето. Имавме гости од Грција и го немаше еден час. Кога се врати ја научил цела грчка азбука. Еднаш пак, му реков да научи некоја македонска песна бидејќи сите што ги знае се на англиски јазик и веќе утредента почна да ја пее химната. Ми рече дека тоа е најмакедонска песна од сите“, раскажува Владимир.

Да не мешаме политика, го сакаме најдоброто за Македон – апелира таткото на генијалецот

Иако луѓето му се восхитуваат на Македон, семејството според кажувањата на таткото, често добива критики бидејќи се појавуваат во јавност. Сепак, Владимир вели дека настапува од позиција на родител и не сака да меша никаква политика или какви бил партии.

„Не сакам ова да го претворам во политичка работа, луѓето мислат дека се препукувам. Не ми е целта партии да мешам, јас не сум партиски човек, не сум ни член на партија. Го сакам најдоброто за Македон. Со сопругата не  сме партиски определени и ова го кажуваме како родители за доброто на цела држава. Луѓето го доживуваат Македон како спасител иако тој е само дете. Луѓето го доживуваат како спасител поради името, видоа надеж во него, а тој беше и гостин на една театарска претстава која заврши со него како надеж дека работите ќе се сменат на подобро“, посочува Димитровски.

Додека Македон без проблем решава сложени математички задачи, ја владее светската историја и знае која земја како се развивала, а која империја како пропаднала, институциите кои ветија поддршка си ја „подаваат топката“. По објавата на Димитровски во врска со ова, следуваа лавина реакции и коментари од јавноста дека државата му врти грб на едно дете кое може многу повеќе да напредува, но и дека семејството ќе треба само да се снаоѓа за да не пропадне дарбата на детето.

Министерот за образование пак, Шаќири уште во мај вети образовни реформи за поддршка на надарените и талентирани ученици. Освен со Македон, тој во својот кабинет се сретна и со основецот Или Морина, кој исто така е математички гениј, но и новата учебна година стартуваше без програма за надарените деца.

 

Вања Мицевска

Фото: Приватна архива